(ВИДЕО) Македонска компанија од Штип им дава втор живот на старите спортски дресови: Отпадот го претвора во профит
Додека текстилната индустрија во светот се соочува со сè поголем проблем со огромните количини отпад, една компанија од Македонија покажува дека иновативните решенија можат да се создаваат и локално. Штипската компанија „Депакон“ разви модел со кој старата и неупотреблива спортска опрема не завршува како отпад, туку се преработува и добива нова намена.
Во професионалниот спорт, промените на спонзори, производители или дизајни често оставаат зад себе големи залихи дресови и опрема кои повеќе не можат да се користат. Иако дел од нив се сосема нови и никогаш не биле облечени, поради променетите договори или визуелниот идентитет на тимовите, тие најчесто се отстрануваат или остануваат заборавени во магацини.
Токму во овој проблем „Депакон“ препозна можност за одржливо решение, пишува „Ројтерс“.
Наместо спортските дресови и текстилот да станат уште еден дел од глобалниот отпад, во производствениот погон во Штип материјалите повторно се обработуваат и од нив се создаваат нови производи – ранци, торби, капи и различни модни додатоци.
„Кога ќе им кажете на луѓето дека само по едно Светско првенство во фудбал може да останат околу 20 милиони парчиња текстилен отпад, тогаш тие навистина ја разбираат големината на проблемот“, вели сопственикот на „Депакон“, Дејан Павиќ.
Идејата започнала преку организацијата „FC88“, која воспоставила партнерства со спортски клубови и понудила поинаков пристап кон старата опрема. Наместо таа да биде уништена, бил воспоставен процес во кој дресовите се собираат, сортираат и се преработуваат во нови производи.
Денес во штипските погони пристигнува спортска опрема од различни земји и познати репрезентации, меѓу кои Холандија, Англија и САД. Некогашните дресови и униформи наместо да завршат на депонија, добиваат нова функција и повторно се враќаат во употреба.
Според Павиќ, овој пристап покажува дека грижата за животната средина и бизнисот можат да одат заедно.
„Нудиме решение за еден глобален проблем и верувам дека начинот на кој работиме досега е одлично прифатен“, посочува тој.
Приказната на „Депакон“ е пример дека циркуларната економија не е само концепт за големите светски пазари, туку може да се развива и во Македонија. Наместо вредните материјали да се фрлаат, тие повторно се користат, создавајќи нови производи и дополнителна вредност.
Во период кога модната и спортската индустрија се под сè поголем притисок да го намалат влијанието врз природата, штипската компанија покажува дека одржливоста може да биде и еколошка одговорност и деловна можност.
