„Македонија-турист“ од камати има просечен дневен приход од 100.000 денари!
Најголемата хотелиерска компанија првите девет месеци има добивка од 102,4 милиони денари што е 38,4 отсто од приходите од продажба за тој период
Хотелиерството е екстра бизнис во случајот на „Македонијатурист“ – најголемата домашна угостителска компанија. Нето добивката за првите девет месеци годинава изнесува 38,4 отсто до приходите од продажба кои компанијата ги остварила во овој период. Другите стопански дејности, а особено производствените речиси без исклучок, можат да сонуваат за ваков сооднос меѓу профитот и приходите од продажба.
Што покажува билансот?
Вкупните приходи од продажба на хотелите кои работат под капата на „Македонијатурист“ за првите девет месеци изнесуваат 266,7 милиони денари (околу 4,5 милиони евра), што значи дека просечно дневно оваа компанија има приходи од продажба во износ од безмалку 1 милион денари!!!
Во споредба со истиот период лани приходите на „Македонијатурист“ се на исто ниво што значи дека оваа компанија воопшто не е погодена од зголемената конкуренција во нејзината дејност. Во овој период компанијата има вкупни оперативни расходи во износ од 186,8 милиони денари. Најголема расходна ставка се трошоците за вработените кои надминуваат 67 милиони денари, а сите расходни ставки се на исто ниво во споредба со лани, а вкупните оперативни расходи годинава во споредба со истиот лани се намалени за само 2 отсто. Оперативната добивка на компанијата за периодот јануари-септември изнесува 86,9 милиони денари и е повисока за 3 отсто во споредба со остварената во истиот период лани.
Од камати на депозитите „Македонијатурист“ добила 420.000 евра!
Значајна ставка се приходите од камати и од заеми по кои е позната „Македонијатурист“ компанија за која има шпекулација и непотврдена информација дека чува значајни суми кеш по видување во една домашна голема банка. Од финансиски приходи компанијата има 27,2 милиони денари, а од вложувања, заеми, камати и курсни разлики нето приходот е 25,9 милиони денари. Финансискиот расход на „Македонијатурист“ во овој период е 230.000 денари, што значи дека позитивната разлика меѓу финансиските приходи и расходи е речиси 27 милиони денари. Просечно дневно од камати „Македонијатурист“ има 100.000 денари нето финансиски приход!
Добивката за првите девет месеци изнесува 102,4 милиони денари и во споредба со лани е пониска за 15,5 милиони денари што е резултат на поголемата сума данок од добивка платен годинава.
Токму од горенаведените податоци не е чудно зошто портфолио менаџерите на „Отворен задолжителен пензиски фонд“ на НЛБ Тутунска банка до сега вложи солиден износ средства на идни пензионери и во неколку наврати досега купи 7,56 отсто од сите акции на таа компанија.
Слично
