„Македонијатурист“: на три денари профит од дејноста плус денар профит од камати!
Пад на приходите од продажба за 40 милиони денари во однос на 2013 година, пад на добивката за 22 отсто во однос на лани. Во вакви услови добивката по акција е 9,3 отсто од последната пазарна цена на „Македонијатурист“ – компанија со акумулирана добивка од 16,8 милиони евра
Годишна нето добивка од 2,45 милиони евра, добивка по акција од 5,4 евра, пад на приходите од продажба за 10 отсто во споредба со 2013 година, приходи од камати, заеми и вложувања во износ од 45 милиони денари и акумулирана добивка која достигна 16,84 милиони евра, ова „крвната слика“ на најголемата домашна хотелиерска компанија „Македонијатурист“ пресликана од неревидираните, неконсолидирани биланси за 2014 година што се објавени на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
„Македонијатурист“ минатата година остварила приходи од продажба во износ од 369,5 милиони денари што претставува 40 милиони денари помалку од приходите остварени во 2013 година. Овој резултат во голема мерка се должи на фактот што се зголеми хотелиерската понуда во централното градско подрачје на Скопје во периодот за кој се однесува билансот со што и се зголеми конкурентскиот притисок врз „Македонијатурист“ затоа што нејзините најважни хотели се наоѓаат токму во централното градско подрачје на Скопје.
Во образложението објавено кон билансите менаџментот на компанијата пишува дека намалените приходи во одредена мерка се резултат на „нелојална конкуренција на пазарот„ но не објаснува подетално за што станува збор и дали иницирале реакција од надлежни државни органи за состојба што ја квалификуваат како нелојална конкуренција.
Од билансите се гледа дека и покрај намалените приходи менаџментот бил агилен и подготвен затоа што во иста мерка успеал да ги намали и расходите од оперативно работење. Тие изнесуваат 254,5 милиони денари и се за 9 отсто пониски од лани. Дополнително со цел зголемување на конкурентност во приоритетни проекти компанијата вложила 1,1 милијарда денари.
Но и покрај намалениот обем на работа и снижени приходи финансиската „крвна слика“ на „Македонијатурист“ е сосема солидна.
Компанијата, вклучително со дбивката за 2014 година, има акумулирана добивка од 1,04 милијарди денари односно 16,84 милиони евра. Во 2014 година податоците покажуваат дека на секои три денари профит од дејноста оваа фирма успеала да оствари уште еден денар профит од заеми, вложувања и камати. Токму од камати, заеми и вложувања приходот е 45 милиони денари, а во споредба со истиот од 2013 година бележи пад од 12,6 милиони денари. Тоа укажува на можноста менаџментот да разгледа и други опции за вложување на ефектива што ја има на располагање кои би носеле подобри приноси од инструментите што сега ги користи за тие намени.
„Македонијатурист“ во свој состав ги има хотелите: „Холидеј Ин“, „Бествестерн“, „Бристол“, „Турист“, „Карпош“, „Белви“, „Јадран“ кој не работи, и „Водно“ како и рестораните „Пивница“ и пабот „Лондон“ во строгиот центар на Скопје. Компанијата ја водат Доне Таневски претседател на УО, генерален директор и најголем поединечен акционер, Мирјана Таневска и Соња Бибовска – втор по големина акционер.
Слично
