Македонија загуби над милион евра помош од ИПА
Македонија загуби милион и 125 илјади евра од фондовите ИПА (Инструмент за претпристапна помош) кои беа наменети за изградба на одржливо граѓанско општество, и 630 илјади евра за заштита на потрошувачите. Рокот за склучување на договор, по два нереализирани повици, бил на први декември минатата година. Граѓанските организации остро ја искритикуваа неискористената можност.
“Изразуваме длабока загриженост и разочараност од поништувањето на два повици од ИПА програмата од претпристапната помош на ЕУ. Загриженоста е уште поголема затоа што причина за поништувањето, според објавените информации од Министерството за финансии е ненавременото завршување на постапката за евалуација на апликациите. Ова е опасно затоа што државата или нема пари или има само за оние што ги смета за свои” изјави Љупчо Петковски, истражувач и аналитичар во Македонскиот центар за европско образование.
Својата загриженост ја истакнаа и Фондацијата „Отворено општество Македонија“ и Институтот за европска политика, од каде што тврдат дека ако треба да се бара законска одговорност за надлежните, тоа треба да се направи преку институциите.
Според податоците на организациите, оваа парична помош не е единствената која што Македонија ја загубила. Во декември минатата година, државата исто така загубила и пет ипол милиони помош од ЕУ наменети за договори за услуги или за снабдување на државните органи.
