За да гледа две светски фудбалски првенства, Македонија плаќа на рати кои тешко се враќаат
Македонските граѓани за да ги гледаат светските фудбалски првенства на телевизија, од кои едното завршено во Русија 2018 и едното допрва во Катар 2022, ќе платат милион евра, но Заводот за ревизија во својот извештај објавен оваа недела стравува дека поради недомаќинското работење на МРТ може да „пукне резил“ и ратите од договорот да доспеат. Според договорите, ТВ-преносите од СП 2018 треба да се платат 450.000 евра, а за СП 2022 ќе чинат 500.000 евра. За Европското првенство во Франција 2016 треба да се платат 575.000 евра. Превземените обврски што треба да се исплатат до почетокот на 2024 од сите откупени права за спортски преноси се 2 милиони евра.
Спортските настани кои ги пренесувала Македонската радио телевизија во 2015, 2016 и 2017 не ги плаќала редовно и навремено кон Европската радиодифузна унија, по што морало да се направи договор доспеаниот долг да се плаќа на рати во текот на 2018-та. Ревизорскиот извештај објавен оваа недела вели дека на МРТ и била дадена можност да врати 1,1 милион евра на 12 рати од 1 ноември до крајот на 2018-та.
10 милиони денари Македонската радио телевизија се уште должела за емитување на интернационални спортски настани од периодот од 2012 и 2013. Понудената цена и условите на плаќање не биле пропишани, се вели во ревизорскиот извештај кој е направен оваа недела. Кореспонденцијата на преговорите за понудената цена и услуга за покривање на овие настани не била заверена и архивирана.
Инаку за следење на квалификациските натпревари за фудбалското европско првенство 2016 и за квалификациските средби за светското првенство 2018 на кои учествуваше македонскиот национален тим било договорено да се платат 400.000 евра. За други фудбалски натпревари под капата на ФИФА од 2015 до 2018 бил склучен договор од 65.000 евра, а за натпреварувањата на Светската атлетска федерација од 2014 до 2017 било договорено да се платат 70.000 долари. Кај МРТ не биле документите за склучените договори, па специјално за ревизорот биле барани од ЕБУ.
Од целокупниот износ од безмалку три милиони евра што како трошоци за продукциски права МРТ ги платил во 2017, спортските настани зафаќаат удел од 39 милиони денари. Филмовите и сериите чинеле 20 милиони денари, а копродукциите за емисии вределе 78 милиони денари. За трошоците за Евросонг биле платени 8,5 милиони денари.
Александар Кузмановски
