МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА: Колку тоа ги чини граѓаните?
Владините мерки за субвенционирање на вработувањата на млади од 20 до 29 години обезбедуваат ублажување на невработеноста кај овие групи, но Државниот завод за ревизија констатира дека има ризик апликантите селективно да се одбираат, а субвенции да добиваат и фирми што не ги исполнуваат условите.
Ревизорите забележуваат дека постои нетранспарентност на огласите што влијае врз изборот на апликантите.
„Во јавните огласи објавени за мерките, делумно се наведени условите и критериумите кои треба да ги исполнат заинтересираните работодавачи, што не обезбедува целосна транспарентност и може да влијае на начинот на избор на апликантите“, пишуваат ревизорите.
Но, исто така забележуваат и дека нема соодветна проверка поради што субвенции може да добие и фирма што не ги исполнува условите.
„При проверката на податоците на пријавените работодавачи во Центрите за вработување во однос на исполнетост на условите и критериумите содржани во Оперативните планови, софтверската поддршка не обезбедува целосни контроли поради што постои можност да се одобри пријава на работодавач кој не ги исполнува условите“, навеле ревизорите.
Во извештајот на ревизорите е констатирано и дека е потребно подобрување на апликативниот софтвер за да се избегнат субјективни грешки.
„Контролите во апликативниот софтвер во делот за спроведување на мерките и активностите за вработување помагаат при управување со овие мерки, но софтверскиот дизајн, освен за еден критериум, не дозволува целосна примена во процесот на избор на соодветен работодавач, со што ризикот од субјективни, односно човечи грешки е присутен“, стои во извештајот на ревизијата.
Агенцијата за вработување склучува договори со работодавачите и невработените за соодветната мерка, и во тие договори се уредени правата и обврските, и во случај на нивно прекшување на договорот субвенцијата треба да биде вратена, но ревизорите посочуваат дека не постои ефикасен систем за следење и навремено превземање соодветни мерки.
„Утврдивме различно постапување при евидентирање на промените во единствена база на податоци од страна на Центрите за вработување кои се однесуваат на обврската на работодавачот да обезбеди замена на работник, враќање на парични средтсва и поведување постапку пред суд, како и нецелосно евидентирање на сите промени“, наведуваат ревизорите.
Но, ревизијата открива дека близу 9.000 евра треба да бидат вратени поради прекршување на договорите, а поврат е направен на 3.000 евра.
„Констатиравме дека поради недоволна координација меѓу Центрите за вработување и Агенцијата за вработување како координатор на активностите, постои ризик при непочитување на одредбите на договорите да не се превземат соодветни дејствија за поврат на паричните средства или навремено поведување постапка пред надлежен суд“,додаваат ревизорите.
Според податоците од извештајот на Државниот завод за ревизија, сите три анализирани години се исплаќани помалку пари за мерките од она што било предвидено со плановите.
Во 2013 година за мерката субвенционирање на вработување биле исплатени 778 илјади евра, а во 2014 година 618 илјади евра. За мерката обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување во 2013 година биле исплатени 83.000 евра, а во 2014 година 66.000 евра. Во 2015 година овие две мерки се спојуваат во една, односно во обука на работно место со субвенционирање при што за 11 месеци се исплатени 417 илјади евра.
Колку пари се исплаќале за мерките?
Субвенционирање на вработување
- 2013 778.000 евра
- 2014 618.000 евра
- 2013 83.000 евра
- 2014 66.000 евра
- 2015 417.000 евра
Слично
