Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Македонија вработува“ донесе над 5000 работни места, се исполнуваат ли очекувањата?

„Македонија вработува“ донесе над 5000 работни места, се исполнуваат ли очекувањата?

Досега проектот на Владата „Македонија вработува“ ги искористиле 424 мали компании од 10 до 50 вработени, 76 компании со од 50 до 250 вработени и 19 компании со над 250 вработени.

Овие податоци денес ги соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој истакна дека за четири месеци  5.240 лица се вработиле преку проектот во 3.525 приватни компании.

Тој посочи дека најголемо учество имаат помладите генерации, односно до 29 години кои се вработуваат преку мерката една плус една година ослободување од персонален данок и социјални придонеси.

„Преку оваа мерка се имаат вработено 1.472 млади лица до 29 години“, истакна Спасов.

Преку мерката за вработување на лица до 35 години, односно три години ослободување од социјални придонеси со плус една година работодавачот да го задржи на работа вработени се 1.924 лица, од 35 до 50 години 688, и над 50 години 832 лица.

„МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА“: Какви ефекти може да се очекуваат од мерките за зголемување на вработеноста?

Законските измени со кои компаниите ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси за вработување на лица од утврдените категории, се добри, но се носат во погрешно време и тешко дека може да се очекува посериозен ефект,смета Горан Рафајловски од „Рафајловски Консалтинг“. Според него овие мерки ќе делуваат малку, не затоа што не се добри, туку затоа што економските состојби во земјата и опкружувањето не се во добра состојба.

„За некоја идеја да е успешна, треба да е погодено и времето. Ние имаме сериозни проблеми со свежи пари, со ликвидноста, со тековното одржување, и затоа многу малку компании ќе може да задржат ист број на вработени и плус да вработат нови, за кои ќе теба да обезбедат плати, иако ќе бидат ослободени од придонеси за нив. Затоа сметам дека нема да дадат посериозни резутат“, вели Рафајловски од Рафајловски Консалтинг.

Од друга страна, Рафајловски посочува дека лошо е што овие мерки за ослободување од плаќање на социјални придонеси за вработување на лице согласно утврдени критериуми се врзуваат со редовно и навремено плаќање на даноците.

„Односно, според законите, ако некоја фирма има нови вработени и исполнила услови да биде ослободена од  плаќање социјални придонеси неколку години, но при тоа се случи фирмата да задоцни неколку месеци со плаќање на данок, тогаш истата таа фирма, ќе треба да ги врати назад сите ослободувања за социјални придонеси што ги добила од државата. Државата може да бара од фирмата да ги врати парите што ги добила како ослободување за социјални придонеси за нововработените, но само ако истата фирма не платила придонеси за вработените, а не и ако задоцнила со плаќање на данок“, додава Рафајловски.

Ги исполнува ли очекувањата проектот „Македонија вработува“?

Речиси 1.216 лица се вработиле во првиот месец од спроведувањето на проектот информираше неодамна премиерот Груевски.

– Проектот „Македонија вработува“ оди одлично. Со првиот месец вработени се 1.216 луѓе кои претходно биле невработени. Тоа е идентично како четири фабрики со по 300 и неколку луѓе или една голема од 1.216 луѓе. Се обидувам пластично да пренесам што значи за еден месец да бидат вработени 1.216 лица.

Овој проект беше најавен во март , а на сила стапи во април.

Премиерот искажа верување дека проектот ќе продолжи да се развива со исто темпо и се повеќе лица ќе се вработат.

На почетокот експерти имаа негативно мислење за овој проект поради  економските состојби во земјата и опкружувањето не се во добра состојба.

Слично

Поврзани вести