„Македонија вработува 2“ во тек – обезбедени 335 вработувања
Преку вториот циклус на проектот „Македонија вработува 2“ од почетокот на јули досега се реализирани 335 вработувања.
Тие се концентрирани во речиси сите општини во Македонија, а се очекуваа оваа бројка дополнително да расте по завршување на летните одмори. И кај компаниите и кај граѓаните интересот за овој проект се зголемува. Во просек дневно се реализираат по десетина вработувања. Од вкупниот број на вработувања, 210 се за лица до 35 години, 56 од 35 до 50 годишна возраст, над 50 години се вработени 42 лица, а над 58 годишна возраст се вработени 22 луѓе.
„Досега над 250 компании имаат побарано вработување на над 350 лица од кои веќе контректно се реализирани 335 вработувања на лица од различна образовна категорија, различни по возраст на цела територија на Република Македонија. Во просек произлегува дека врз основа на придобивките од овој проект се реализираат по десетина вработувања на дневна основа, што претставува еден одличен момент за охрабрување и на останатите деловни субјекти да ги искористат поволности кои им се на располагање, да обезбедат вработување на дополнителни работници во нивните претпријатија“- вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.
Според образовна структура, 195 од вработените во проектот се со средно образование, 89 со основно, 42 со високо, 7 магистри и доктори на науки и 2 лица се со вишо образование.
Најголем дел од вработените лица или околу 60 се вработени во Скопје, по 30- ина има во Тетово и Струмица, над 20 во Прилеп, Струга и Куманово.
