Македонија во 2022 година: Нема веќе производство на струја од јаглен?
Македонија ќе може во 2022 година да престане да произведува електрична енергија од јаглен, но само ако до тогаш вложува во енергетска ефикасност и нови обновливи извори на енергија, покажа студијата изработена од проф. д-р Стефан Бужаровски и д-р Стивен Глин од Универзитетот во Манчестер заедно со Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје.
Студијата предвидува три сценарија -првото сценарио „А“ се заснова на намалена потрошувачка на електрична енергија, второто „Б“ предвидува голем удел на обновливите извори на енергија во производството и статична потрошувачка, а третото „В“ - заедно и голем удел на обновливите извори на енергија и намалена потрошувачка на електрична енергија.
„Студијата покажува дека речиси 80 отсто од електричната енергија во земјава може да се произведува од обновливи извори на енергија и предвидува во 2022 година Македонија да го исклучи јагленот од производството на електрична енергија. Доколку се примени сценариото „В“ до 2050 година 79 отсто од електричната енергија ќе се добива од обновливи извори, а во случај на сценариото „Б“ во 2050 година 59,7 отсто од енергијата ќе се добива од обновливи извори, а остатокот од гас“, рече Невена Смилевска од „Еко-свест“.
Постојната Стратегија за енергетика предвидува до 2030-та година дури 60 отсто од електричната енергија во Македонија и натаму да се добива од јаглен. За разлика од нас, ЕУ до 2050-та година целосно ќе ги истисне фосилните горива од производството на енергија. Од овие причини невладината „Еко-свест“ најави дека ќе покрене иницијатива до Собранието за ревизија на Стратегијата за енергетика.
Еколозите го поддржуваат поголемото искористување на хидро-енергијата, но сепак се против изградба на акумулацијата Луково поле и хидроелектраната Бошков мост зашто се наоѓаат во Националниот парк Маврово.
Слично
