Македонија треба да почне да размислува како да се вклучи во нуклеарната енергетска програма
Регионална соработка и размена на искуства од областа на нуклеарната енергетика. Ова е клучното на кое треба да се посветат државите од југоисточна Европа, смета професор д-р Никола Попов кој имаше свое обраќање на предавањето „Улогата на нуклеарна енергетика во светот – потребни човечки ресурси“, кое се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ.
Тој е професор на Универзитетот МакМастер во Хамилтон, Канада и консултант во ЕЛЕМ од областа на нови енергетски извори, каде што раководи со физибилити истражувања од областа на нуклеарната енергетика.
Според Попов, некои држави имаат долгогодишно искуство во нуклеарната енергетика (Бугарија и Романија), други земји влегуваат во нуклеарната енергетска програма (Турција), но има и помали балкански земји со нуклеарни програми за неенергетски цели.
„Собирањето информации за нашите образовни и истражувачки капацитети и учество на Македонија во регионалните активности е важно не само заради зголемување на знаењата и оспособеноста на македонските стручни и научни лица, туку и поради тоа што Македонија ќе биде подготвена да превземе соодветни билатерални и други меѓународни мерки за заштита на своето население од нуклеарни објекти во соседните или други земји во регионот“, истакна Попов.
Идејата за насочување на интересот на Македонија кон зајакнување на образовните и научно-истражувачките капацитети во областа на нуклеарните науки и апликации доби позитивен одговор од присутните на настанот - професори и студенти од ФЕИТ, од Природно-математичкиот факултет во Скопје, Дирекцијата за радијациона сигурност, како и академици и експерти од Македонската Академија на Науките и Уметностите.
Во септември годинава во Скопје, Владата на Република Македонија и ЕЛЕМ, во соработка со Меѓународната Агенција за Атомска Енергија – МААЕ ја организираа Првата регионална конференција за соработка во регионот, каде се разговараше за вклучување на Македонија во регионални проекти од нуклеарните науки и за подигнување на македонските стручни и научни капацитети за учество во европски енергетски проекти.
Слично
