Македонија тапка во место – кој ја донесе во ќор-сокак?
По условената препорака и острите критики во извештајот на Европската комисија за Македонија, започнаа препукувањата меѓу двете најголеми политички партии за тоа кое виновен што државата упорно тапка во место.
За владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ извештајот претставува „тежок пораз за деструктивната политика на СДСМ”.
„Очекувањата од извештајот претставуваа капитал за Социјал-демократите со кој сакаа да го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ со тезата дека во наше време земјата ги изгуби препораките, но за среќа тоа не се случи. Македонија продолжува напред и покрај сите обиди на СДСМ да ја втурне во политичка криза која што ја креираа пред 9 месеци господинот Зоран Заев и неговата колешка Радмила Шекеринска.” – изјави пратеникот на владејачката партија Антонио Милошоски.
Од опозицијата пак, велат дека тоа што препораката и по 10 години од добиениот кандидатски статус е условена, е резултат на несериозното владеење на актуелната власт.
„Високи претставници и членови на Владата ја злоупотребиле својата моќ во сите сфери, судството, медиумите, изборниот процес, регулаторните тела. Има селективна правда, широко распространета корупција, закани врз новинари, сериозна загриженост за уредувачката политика на јавниот сервис МТВ. Затоа, реализацијата на Договорот од Пржиноповеќе не е очекување само на граѓаните на Македонија, туку услов Европската комисија да ја задржи препораката“, вели Радмила Шеќеринска.
Во новиот извештај од Брисел, Македонија е оценете со тројка или средна оценка. Главни прашања кои се во фокусот на извештајот се политичката криза, независност на судство, човековите права и економското назадување на државата.
Во извештајот се посочува дека Македонија минува низ најтешката политичка криза во земјата, од 2001 година, со „пресретнатите комуникации кои очигледно вклучуваат високи владини претставници, што укажува на кршење на основните човекови права, мешање во независноста на судството, слободата на медиумите и во изборите, како и на партизација и на корупција“.Македонската препорака за преговори е условена со спроведувањето на договореното од Пржино.
