Македонија слави четврт век независност
Во Македонија денеска се одбележуваат 25 години од референдумот одржан на 8 септември 1991 години, на кој над 95% од граѓнаите се изјаснија за независност на земјата од поранешна Југославија.
Волјата на народот за самостојна и суверена држава беше потврдена на 25 септември 1991 година, кога беше усвоена Декларација за независност во првиот повеќепартиски македонски парламент. На 17 ноември истата година е донесен и новиот Устав на Република Македонија.
Во синоќешното обраќање на свечената академија по повод празникот 8 Септември, претседателот на државата, Ѓорге Иванов повика на помирување и сплотеност околу државните интереси.
„Иднината на Република Македонија зависи од секој еден од нас, од секој еден од вас. Од тоа дали кон вашите права ќе ги придодадете и вашите обврски кон Македонија. Од тоа дали ќе преземете лична одговорност за секој ваш чекор, за секоја ваша животна одлука. Од тоа дали ќе го почитувате и прифаќате вашиот сосед, со сета негова етничка, религиска, социјална и идеолошка различност, онака како што не поучуваат врвните и вечни морални начела и вредности“ - рече Иванов.
Во изминатите 25 години самостојност, Македонија се соочи со низа проблеми како инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза , конфликтот во 2001 година и друго. Во 2005 година Македонија доби статус на земја – кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата.
Во Собранието денеска ќе биде врачена државната награда „8-ми Септември“, која оваа година ќе се додели по петти пат, а е поделена во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот.
Одборот за доделување на наградата „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири за остварување во областа на спортот во 2016 година. Добитници на државната награда годинава се Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и Фоти Ѓатовски.
