Македонија слави 23 години независност
Македонија денеска го одбележува 8-ми Септември, денот кога во 1991 година граѓаните на реферндум се изјаснија за суверена и независна држава.
Повеќе од 75 отсто од граѓаните со право на глас излегоа на гласачките места, а над 92 отсто гласаа за независна Македонија. Десетина дена потоа, Собранието ја прогласи независноста на државата, по што Македонија почна да го живее својот самостоен живот, надвор од СФР Југославија.
Одлуката за спроведување референдум беше донесена од првиот состав на повеќепартиското Собрание, кое се конституираше на крајот од 1990 година, а следејќи го масовното расположение на граѓаните.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8-ми април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија - референца која се користи и денеска.
Трицифрената инфлација на почетокот на 1990-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа предизвицте со кои се соочи државата во овие 23 години независност.
Денот на независноста ќе биде одбележан со неколку манифестации низ државата, како и со неколку настани во светот, организирани од македонските дипломатско-конзуларни претставништва.
Слично
