Македонија сигурна дека ќе добие препорака за преговори?
Македонија ќе добие препорака за преговори во извештајот за напредокот на земјата кон интеграција со ЕУ, пренесуваат агенциите.
Според високи владини извори препораката не била оспорувана, особено откако е започната имплементацијата на Договорот од Пржино и веќе е доделен специјален обвинител.
И оваа година како негативни поени ќе бидат наведени политичкиот притисок врз судството, партизацијата на администрацијата, проблемите со слободата на медиумите, борбата против корупцијата и други.
Сепак нацртот е во процес на изготвување, па се можни промени во неговата содржина.
Во посетата на Скопје минатиот месец, комесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека интеграцискиот дух во Македонија воскреснува, но и дека е малку веројатно наскоро да започнат преговори, бидејќи кризата не е целосно завршена, а и спорот за името не е решено.
„Прагматичен сум, треба да одиме чекор по чекор, кризата не е целосно решена. Ако го исполниме договореното, ќе сториме сé за да ги убедиме земјите-членки на ЕУ да ги започнат преговорите. Тоа сепак не се случува за неколку месеци“, истакна комесарот.
