Македонија се повеќе купува кинески автомобили, 447 нови увезени во 2025
Во Македонија во 2025 година се увезени 447 нови патнички возила со потекло и земја на испорака Кина, покажува податокот што Царинската управа го достави за Фактор. Тоа е засега најконкретниот официјален показател за присуството на кинеските автомобили на домашниот пазар.
Во писмен одговор за Фактор, од Царинската управа наведуваат:
„Ве известуваме дека со потекло и земја на испорака Кина, во 2025 година увезени се 447 нови патнички возила.“
Според достапните ценовници на дел од застапниците, кинеските патнички автомобили во Македонија во моментов најчесто се движат од околу 16.990 до 42.900 евра, зависно од сегментот, опремата и погонот. Во таа група влегуваат модели како Dongfeng Shine со цена од 16.990 евра, BAIC X55 II од 25.900 до 28.900 евра, како и електрични модели како Skywell BE11 со акциска цена од 38.990 евра и Dongfeng Friday EV со цена од 42.900 евра.
Пазарната слика дополнително се надополнува и со податоците што увозниците ги доставија за Фактор. Од BAIC велат дека досега на македонскиот пазар се продадени над 100 возила, што е еден од поконкретните показатели дека дел од кинеските марки веќе имаат видливо присуство. Од Skywell посочуваат дека во 2025 година продале девет возила, и тоа само на правни лица, при што како клучни ограничувачки фактори ги наведуваат слабата побарувачка за електрични возила, отсуството на субвенции и недоволно развиената инфраструктура за полнење.
Во писмени одговори за Фактор, и другите увозници зборуваат за раст на интересот. Од Geely наведуваат:
„Интересот кај македонските купувачи е навистина голем и постојано се зголемува, што укажува на сè поголема доверба во брендот.“
Од Dongfeng, пак, велат:
„Досегашната продажба на Dongfeng во Македонија е со постојан раст и во согласност со бизнис планот на нашата компанија и производителот.“

Цените на овие возила, освен од продажната политика на увозниците, зависат и од увозниот режим. Во Македонија при увоз на возила се пресметуваат царина, ДДВ и данок на моторни возила, при што конечниот износ зависи од потеклото, типот на возилото и неговите емисии. За возила со потекло од Европската Унија и со соодветен доказ за потекло важи пониска царинска стапка, додека за останатите се применува редовниот режим.
Во Европската Унија, условите за кинеските електрични возила се построги. Европската комисија воведе дополнителни анти-субвенциски давачки за батериски електрични возила од Кина, што влијае врз пошироките пазарни односи и врз позиционирањето на кинеските производители во Европа.
На домашниот пазар, бројката од 447 новоувезени патнички возила од Кина и растечкото присуство на повеќе брендови упатуваат на јасен тренд на поширока понуда и поголема видливост на кинеските автомобили.
- Филип Костов
