Македонија – претпоследна по конкурентност меѓу земјите-кандидатки за ЕУ
Македонската економија е претпоследна според конкурентност од земјите-кандидатки за членство во ЕУ. Зад нас е само Србија, покажа најновиот извештај „Градење на поконкурентна Европа“, што го објави денеска Светскиот економски форум.
Со индекс од 3,62 земјава котира полошто од Турција (3,83), Црна Гора (4,07) и Исланд (5,15), додека Србија доби индекс на конкурентност од 3,46.
Конкурентноста на Македонија се проценува како послаба и од сите земји-членки на Европската унија. Во ЕУ, најдобро котира Финска со индекс од 5,70, додека најлошо Романија - 3,64. Финска скокнала за едно место од последното рангирање и успеала да ја надмине Шведска. Просечниот индекс на ниво на ЕУ изнесува 4,56 индексни поени.
Највисока оценка 4,01 Македонија добила во сферата на образованието, условите за претпријатијата добиле оценка 3,95, имплементацијата на дигиталната агенда е оценета со 3,63, „паметниот“ развој со 3,59, додека најслабо земјава котира во иновациите - едвај 2,78. Со оценка нешто повисока од 3 се оценети пазарот на трудот и вработувањето, социјалната вклученост, инклузивниот развој, одржливиот развој и одржливоста на животната средина во земјава.
„Најсилен предизвик за Македонија ќе биде да го унапреди својот институционален капацитет како основа за економија базирана на знаења. Во оваа смисла, земјата покажува подобрување во подиндексот за „паметен“ развој, што се карактеризира со поголема конкурентност, помал административен товар за отворање бизнис и мало но постојано подобрување во делот на пристапот до финансии. Подобрувањата во инфраструктурата за информатичка технологија, употребата на мобилни телефони и на интернетот и помогнаа на земјата да ја унапреди својата дигитална агенда. Сепак, Македонија се соочува со многу предизвици во делот на образование и обука, иновации и одржливост на животната средина. Забележливо е дека земјата покажува влошување во ефикасноста и вклученоста на пазарот на труд, поттикнато од драматичен раст на невработеноста кај младите над 50%“, стои во извештајот.
По бруто домашниот производ по глава на жител, Македонија е последна меѓу земјите кандидатки, но и во Европа. Со БДП од 3.728 евра по глава на жител Македонија е зад Србија (БДП од 4.591 евра по глава на жител), Црна Гора (БДП 5.378 евра по глава на жител), Турција (БДП 8.136 евра по глава на жител). Од земјите-кандидатки најдобро котира Исланд (БДП 33.923 евра по глава на жител).
Во ЕУ најнизок БДП по глава на жител има Бугарија - 5.493 евра, а највисок Луксембург - 83.416 евра.
Слично
