Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНИЈА ПРЕД ПРЕДИЗВИКОТ ДА ГО „ФАТИ“ ВОЗОТ ЗА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ - ново законско решение пред пратениците

МАКЕДОНИЈА ПРЕД ПРЕДИЗВИКОТ ДА ГО „ФАТИ“ ВОЗОТ ЗА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ - ново законско решение пред пратениците

Со цел долгорочно намалување на зависноста од увоз на енергија и енергенти, но и зголемување на уделот на ОИЕ во бруто финалната потрошувачка на енергија, како и зголемување на сигурноста во снабдувањето со енергија на крајните потрошувачи, Министерството за енергетика до народните избраници достави Закон за користење на енергијата од обновливи извори. 

Според нив, со овие законски иземни ќе се обезбеди и диверзификација на производството на енергија, но и постигнување на климатските и енергетски цели за определени периоди од Интегрираниот национален план за енергија и клима, и намалување на употребата на фосилни горива и емисиите на стакленички гасови. 

Ова би требало да помогне Македонија да го засили фокусот кон чистата енергија и енергетската транзиција. Воедно со законот треба да се воспостави современа и усогласена правна рамка со обврските на Европската Унија и Енергетската заедница, вклучувајќи го транспонирањето на Директивата (ЕУ) 2018/2001 за промоција на користење на енергија од обновливи извори.

- Предложените законски решенија придонесуваат кон постигнување на националната задолжителна цел за процентуално учество на енергијата од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија до 2030 година. Обезбедување на дополнителни мерки за поддршка и олеснување на инвестициите во производство на енергија од обновливи извори, како и зајакнување на правната сигурност на инвеститорите преку законско уредување на механизмите за откуп на произведената енергија - се посочува во законското решение доставено до пратениците. 

Воедно со него треба да се уреди и користењето на енергијата од обновливи извори во секторите за греење, ладење и транспорт, како и на критериумите за одржливост и намалување на емисиите на стакленички гасови од биогорива, биотечности и горива од биомаса. 

- Со предложените законски решенија се создава законска можност за исполнување на обврските преземени со потпишувањето и ратификувањето на Договорот за основање на Енергетската заедница, преку транспонирање на законодавниот Пакет на Европската Унија за чиста енергија, адаптиран од страна на Министерскиот совет на Енергетската заедница - се укажува во законот. 

Со овој закон се предвидуваат мерки за диверзификација на производството на енергија, зголемување на уделот на обновливите извори во вкупната потрошувачка, намалување на зависноста од увоз на енергенти и фосилни горива, како и значително зголемување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија за крајните потрошувачи.

- Заради сето ова, новото законско решение има цел да ја зајакне сигурноста во снабдувањето со енергија, да овозможи исполнување на обврските преземени со ратификацијата на Договорот од Париз, да придонесе кон постигнување на националните задолжителни цели за учеството на енергијата произведена од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија, како и да обезбеди усогласеност со националните стратешки и плански документи од областа на енергетиката, вклучително и Интегрираниот национален план за енергија и клима - се нагласува во законското решение доставено до пратениците. 

Воедно во него е посочено дека создава правни предуслови за директно и активно учество на операторите на системите за пренос и на пазарите на електрична енергија и гас, како и на државните институции во донесувањето и спроведувањето на заеднички правила за регионалните пазари на енергија. Исто така, законското решение овозможува поттикнување на инвестиции, развој на зелена и паметна инфраструктура и поддршка на претприемништвото преку создавање нови работни места во секторот на обновлива енергија.

Преку ова законско решение се предвидува и обезбедување на финансиска поддршка за проекти во обновливи извори на енергија, на транспарентен и конкурентен начин, усогласен со националните стратешки и плански документи. Со тоа, се создава поволна рамка за модернизација на енергетскиот сектор, зголемување на енергетската ефикасност и унапредување на еколошките стандарди во земјата.

Законот има за цел да ја унапреди енергетската сигурност, да овозможи исполнување на националните цели за учество на обновливата енергија, како и да поттикне развој на иновации и нови технологии за производство на енергија, со што Република Северна Македонија се приближува кон европските стандарди и климатските цели.

П.О.

Слично

Поврзани вести