Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија подготвува законска рамка за трговијата со „крвави“ дијаманти

Македонија подготвува законска рамка за трговијата со „крвави“ дијаманти

Македонија подготвува закон со кој ќе се приклучи кон светските напори за контрола на трговијата со т.н. „конфликтни“ или „крвави“ дијаманти. Донесувањето на овој закон е во рамки на Националната програма за усогласување со законодавството на ЕУ, во делот на Поглавјето 30- Надворешни односи. Со неа е предвидено усогласување со ЕУ Регулативата бр.2368/2002 од 20 декември 2002 година за имплементирање на шемата за сертифицирање за меѓународна трговија со необработени дијаманти во рамки на Процесот Кимберли.

- Целта на предлог законот е регулирање на надворешно трговскиот режим на необработените дијаманти, со воведување посебен систем на контрола која што, покрај Царинската управа на Република Македонија, ќе ја спроведува и Министерството за економија како надлежен орган кој при увозот на необработените дијаманти ќе врши конфирмација на валидноста на документацијата во прилог на пратката со необработени дијаманти, додека при нивниот извоз, ќе има надлежност да спроведе претходна постапка за сертифицирање- велат во Министерството за економија, кое го подготвува предлог- законот.

Со цел да се обезбеди правилна имплементација на шемата за сертифицирање за меѓународна трговија со необработени дијаманти во рамки на Процесот Кимберли се консултирани одредени законски решенија од законодавствата на други држави кои веќе се членки на ЕУ (Хрватска) и земји со кои веќе се отпочнати пристапните преговори (Црна Гора и Србија).

Процесот Кимберли е меѓународна иницијатива, воспоставена со резолуција на Обединетите нации, која опфаќа повеќе чинители, создадена за зголемување на транспарентноста и надзорот во индустријата за дијаманти, со цел да се елиминира трговијата со конфликтните дијаманти или груби дијаманти што ги продаваат бунтовничките групи или нивните сојузници за да финансираат конфликти против легитимните влади. Процесот Кимберли, кој стана оперативен во 2003 година, ја контролира трговијата со груби дијаманти меѓу земјите-учеснички преку домашно спроведување на шема за сертификација што ја прави трговијата потранспарентна и безбедна и забранува трговија со неучесници.

Сепак, многубројни организации изразуваат загриженост за одредени етички недоследности во Процесот Кимберли. Според нив, Процесот има два главни недостатоци. Прво, неговите тесни услови за сертификација се фокусираат исклучиво на рударството и дистрибуцијата на конфликтните дијаманти, што значи дека не се опфатени пошироките прашања околу експлоатацијата на работниците- здравјето и безбедноста на работните услови, употребата на детскиот труд и фер плати. Таа, исто така, не успева да се справи со проблемите на населението што морало да се исели од домовите за да се отворат рудниците за дијаманти. Второ, сертификатот за процесот Кимберли не се однесува на индивидуален камен, туку на грубите дијаманти кои потоа се брусат и се испраќаат низ целиот свет. Без систем за следење, тука се завршува нивната трага, посочуваат критичарите.

(М.Б.)


Слично

Поврзани вести