Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Македонија пат“, Владата, Клинички центар и МИОА најмногу си ги поскапеле своите тендери

„Македонија пат“, Владата, Клинички центар и МИОА најмногу си ги поскапеле своите тендери

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта - Скопје го направило „најпоскапената“ јавна набавка минатата година, покажува извештајот на Бирото за јавни набавки кое за прв пат ги објавува јавните огласи со најголеми измени на проценетата вредност.

Поранешно „Македонија пат“ првично требало за 82,6 милиони денари да ангажира трети лица за зимско одржување на државните патишта на територијата на подружниците Скопје, Битола, Велес, Штип, како и на еден автопат, но наместо тоа цената на крај пораснала на 177 милиони денари, или безмалку 3 милиони евра кога биле ангажирани неколку претпријатија за оваа намена.

Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар – Скопје по распишаниот тендер за собирање,транспорт, складирање и третман на медицински отпад склучи договор со јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“ Скопје Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ бил 38.808.000 денари или околу 631.000 евра.

Договорот бил потпишан на крајот на јануари оваа година, но претходно било предвидено трошокот да чини 19.425.000 денари, или точно двојно помалку, покажуваат пресметките на БЈН кои ги промовира во јавноста од оваа година.

Еден од позначајните „поскапени“ договори е оној на Општа болница со проширена дејност Гевгелија за медицински потрошен материјал. Повеќе фирми биле носители на јавна набавка од 20 милиони денари. Првично таа требало да изнесува 11,8 милиони денари, но се зголемила до крајниот договор со 70 отсто.

Министерството за информатичко општество и администрација во јуни минатата година потпишало договор со САГА МК за одржување на националниот портал за е-услуги во висина од 21,24 милиони денари или 300.000 евра. Првично било предвидено јавната набавка да изнесува 14.160.000 денари или да биде за 50 отсто поевтина.

Останатите јавни набавки во рангирањето на БЈН се под 100.000 евра, а таму се најде и СЛужбата за општи и заеднички работи на Владата. Осигурувањето на владиниот Лирџет-60 се зголемило од 1,5 на 2,5 милиони денари,  а договорот го добил Еуролинк.

Има значајни отстапувања од првично предвидената вредност како што е реконструкцијата на спортската сала на ОУ „Димитар Македонски “ во Општина Аеродром, Санацијата и реконструкцијата на тоалетите во Младинскиот културен центар во Скопје, набавката на канти за отпадоци на ГТЦ, заштитна опрема на рудникот Новаци.

Општина Гостивар е наведена два пати - еднаш за фекална канализација со поскапување од 68 проценти и еднаш за геодетски услуги чија јавна набавка пораснала за 50 отсто. Набавката на опрема за колекторски систем на Општина Богданци го има едно од најголемите отстапувања - од еден милион на конечни 2,9 милиони денари.

А.К.



Слично

Поврзани вести