Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија падна во политички ќор-сокак

Македонија падна во политички ќор-сокак

Политичките лидери синоќа не успеаја да постигнат конечен договор за решавање на политичката криза во земјата за време на преговорите во Брисел.

На 2 јуни, со посредство на Европската унија (ЕУ), власта и опозицијата во Македонија договорија предвремени парламентарни избори и формирање преодна влада до нивното одржување. Забелешката беше деталите да се испеглаат на трилатерален состанок во Брисел, кој сепак заврши без резултат.

Политичкиот ќор-сокак по наводите за масовни злоупотреби на Владата предизвика стравувања за нестабилност во земјава, која беше на работ на граѓанска војна во 2001 година.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан ги покани лидерите на четирите најголеми партии на разговори во Брисел, за да се обидат да го обликуваат договорот за излез од кризата. По 12 часа разговори, во кои се вклучи и американскиот амбасадор во Македонија, конечен договор нема.

"Разговорите беа детални и сеопфатни, но сепак не доведоа до конечен договор. Европската унија ги повикува сите партии, во интерес на земјата и граѓаните, да најдат без одложување траен политички компромис и да направат конкретни предлози за оваа цел, врз основа на веќе постигнатата спогодба во Скопје на 2 јуни ", се вели во соопштението на ЕУ.

Брисел наведува дека ангажманите за реформи, преземени на 2 јуни, треба итно да бидат спроведени. "Ова е крајно неопходно за земјата, за да напредуваат на патот на евроатланската интеграција", се додава во соопштението, каде се напоменува и кандидатурите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО, кои се блокирани поради долготрајниот спор со Грција.

ЕУ наведува дека останува на располагање за посредување во понатамошни разговори.

Во преговорите за надминување на политичката криза во Македонија учествуваат четирите најголеми партии - владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција и опозициската Социјалдемократски сојуз на Македонија и Демократската партија на Албанците. Тие се претставени од своите лидери Никола Груевски, Али Ахмети, Зоран Заев и Мендух Тачи.

На 2 јуни Хан изјави дека македонските политички лидери се договориле за "еден вид транзициски период" и предвремени избори, кои треба да се спроведат не подоцна од крајот на април 2016 година.

По девет години на власт премиерот Никола Груевски е подложен на силен притисок да поднесе оставка. Од почетокот на годината, лидерот на опозицијата, Зоран Заев почна да објавува записи од прислушувани разговори, кои според Заев откриваат кримнал на Владата и притисок над медиуми, судови и институции.

Заев тврди дека владата незаконски прислушувала политички фигури, новинари и судии - како противници, така и сојузници.

Владата коментира дека снимките се направени од странска разузнавачка служба, кој работи со Заев, за да се урне сегашната власт, а лидерот на опозицијата беше обвинет за "насилство" против државата.

Слично

Поврзани вести