МАКЕДОНИЈА НИКАКО ДА СЕ СПРАВИ СО СИРОМАШТИЈАТА: Ги прашавме граѓаните како се снаоѓаат?
Статистичките податоци низ годините покажаа дека во земјава четвртина или петтина од луѓето живеат во сиромаштија, а најпогодени се семејствата со повеќе членови. Сиромашни се и самохраните родители кои издржуваат деца, но и дел од вработените луѓе.
Инфлацијата зама замав, цените растат. Половина милион граѓани во Македонија живеат со 150 денари дневно. Ги прашавме граѓаните дали би можеле да поминат ден со 150 денари, и што би купиле со тие пари. Сите се сложуваат дека со тие пари не се живее, туку се преживува, и ако мораат да одлучат, со тие пари би купиле она што е најевтино, зеленчук, тестенини, јајца, паштети, за да можат да ги задоволат потребите за храна.
„Што може да се купи со тие пари? Ништо. Ако морам би купила половина килограм грав и би зготвила јадење. Најмалку 500 денари се потребни за еден човек дневно“, вели Рада Митревска, граѓанка.
Граѓаните укажуваат дека маслото за јадење поскапе, а сега се најавува и ново покачување на цените, и тоа ги загрижува.
„Џабе ќе зборуваме, со 150 денари дневно не може никој да живее. Можеби ние старите кои сме навикнати да штедиме и живееме сами, но другите нема шанси“, вели Загорка Петковска, пензионерка.
Луѓето велат дека со тие пари може да се подготви само еден скромен оброк, за повеќе нема.
„Може да се купи масло за јадење, јајца и пиперки, друго ништо со тие пари. Сега и лебот поскапе, така што многу малку работи може да се купат“, рече Даница Марковска, пензионерка.
Социологот Татјана Филиповска вели дека кај нас сиромаштијата е појава која долго време е присутна во општеството. Додава дека дури и многу од вработените лица се сиромашни, па се принудени да дадат отказ, и да заминат на работа во странство.
„Сиромаштијата долго време е карактеристика на нашето општество и тоа е под достоинство, но од друга страна пак сиромашното население има умешност со малку пари да го помине месецот. Всушност сиромашните луѓе секаде во светот ги имаат истите карактеристики“, вели Филиповска.
Цените ќе продолжат да растат, a Светска Банка очекува стабилизација идната година. Според нивната прогноза, инфлацијата во земјава ќе изнесува 2,4 отсто.
Сања Атанасовска
