Македонија нема да ги „брка“ Бугарија и Грција, временската зона си останува по старо?
Македонија најверојатно нема да прави промена на временската зона во која се наоѓаме сега. Иако, се размислуваше стрелките на часовникот да се поместат за еден час понапред, и да се изедначиме со временската зона на Бугарија и Грција, сепак според сознанијата на Фактор анализите и мислењата добиени од сите надлежни институции покажале дека тоа не треба да се прави. Конечната анализа со сите мислења за десетина дена, министерството за економија треба да ја достави до министрите на владина седница, по што и ќе се донесе конечната одлука.
Против промената на временската зона биле стопанските комори, кои посочиле дека транспортниот сектор може да биде најпогоден, бидејќи активностите на транспортерите се одвиваат со склучување на годишните договори, времето ги дефинира обврските за навремена испорака на стоката во европските земји, кои сега во најголем број се во иста часовна зона со нас. Тоа би предизвикало менување на документацијата, добивање дозволи за транспорт, времето на чекање на граничните премини и повлекување на финансиски последици.
Промената на времето различно ќе влијае кај групациите и еснафите, особено трговскиот. Нивното работење ќе треба да се прилагоди на променетото време кое ќе биде за 1 час различен со времето на бројни европски земји од каде што се нивните партнери. Тоа значи дека вработените ќе треба да бидат платени за 1 час повеќе бидејќи работното време ќе заврши 1 час подоцна од работното време кај нивните партнери.
Сепак, Билјана Муратовска од Макамтранс, за Фактор, вели дека тие како здружение изминативе неколку години укажуваат дека ним им одговара промена на временската зона и дека ја поддржуваат идејата. За промената на временската зона, ставот на МАНУ е дека тоа ќе биде од полза на граѓаните кои ќе имаат повеќе дневна светлина, а од друга страна ќе значи и заштеда на електричната енергија. Сметањето на времето е регулирано со закон Сметањето на времето е регулирано со закон, што е донесен во 1996 година. Во првиот член на законот се вели дека Македонија се сместува во средноевропската временска зона. Тоа значи и дека доколку се прави промена на временската зона тоа би било политичка работа, односно Владата, ќе треба да предложи измени на постоечкиот закон, а Собранието ќе треба да ги изгласа. Во која временска зона е Република Македонија Македонија е во часовната зона UTC+1, односно во средно европско време. Во однос на летното сметање на времето земјава го следи примерот на ЕУ, па така во летниот период времето во Македонија е UTC+2. Според географската поставеност на Македонија, теоретската поделба на часовните зони (15 степени ширина и почеток на Greenish меридијанот), најголем дел од територијата се наоѓа во средно-европската часовна зона. Единствено делот на Малешевијата и Струмичкото поле се наоѓа источно од 22,5 степени источна географска должина, односно во источно-европската зона. „Од вкупно 27 земји членки на ЕУ, 11 земји не го практикуваат средно европското време. Од тие 11 земји, 8 земји го практикуваат источно европското време. Во источно европското време е Република Турција, а иницијатива за времето постои и во Република Србија.“Голем број на држави не го сметаат времето според географската позиција. Гледано по континенти, такви држави се: Европа (Франција, Шпанија, Португалија, Белгија, Холандија, Луксембург); Северна и Јужна Америка (Аргентина, Уругвај, Чиле, Мексико, Алјаска).
Самоа ја смени временската зона во 2011 година
Последен пример на промена на временската зона го направи државата Самоа, која се наоѓа во Тихи Океан. Властите во оваа држава непосредно пред дочекот на 2011 година решија да преминат од четврток во сабота. Па така наместо држава каде што датумите завршуваа, стана местото од каде што датумите почнуваат. Причината за промената на временската зона, властите на Самоа ја објаснуваа со економска аргументи – односно поради комуникацијата со главните трговски партнери Австралија и Нов Зеланд, зад кои порано доцнеше повеќе од 20 часа, а сега е 3 часа пред нив.
Н.С.