Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија не зголемува резерви во злато, колку ни вредат сега?

Македонија не зголемува резерви во злато, колку ни вредат сега?

На повидок ли е нова светска криза и зошто најмоќните држави почнаа масовно да купуваат злато. Меѓународните експерти немаат дилема дека новите случување на трговските врски меѓу САД и КИна, па и остатокот од светот можат да воведат кон нова светска криза. Во такви услови, како и секогаш, најсигурни вложувања се тие во благородниот метал, во златото. Тоа засега не е случај во земјава, ниту пак брзо ќе се смени. Количината на златни резерви во државните резерви изнесува 6,8 тони, а неговата вредност варира од цената на металот на светската берза. На крајот на јуни македонското злато вреди 237,6 милиони евра, или за десет милиони евра помалку од претходниот месец.  На годишно ниво сумата не е променета доста, но ако се споредува со годините претходно, вредноста тогаш беше и помала, односно трендот е нагорен. Македонија во 2016 година ги зголеми девизните резерви на злато од домашни извори но само за шест монетарни прачки тешки 70 килограми и вредни 2,6 милиони евра откако веќе 11 години или од 2005 година наваму чуваше 6,8 тони злато. Таа количина засега ќе остане непроменета.

Иста количина поголема вредност

Домашните и светските аналитичари во последните години, период кој генерално беше кризен и политички и економски, сугерираа на вртење на инвеститорите, но и на државите кон металот. Во турбулентни времиња, златото се смета како најсигурна инвестиција. Според податоци од Народната банка, Македонија на крајот на јуни има девизни резерви во злато вредни 237,6 милиони евра.На крајот на минатата година истата количина злато вредела 239 милиони евра, а поголема вредност нашето злато имало единствено во годините кога светот ја живееше големата финансиска криза и кога цената на овој благороден метал рушеше рекорди. Ако се анализира по години, на крајот на 2015 година нашите резерви во злато вределе помалку или 212 милиони евра, а во 2014 година биле 215 милиони евра. Во 2013 година имало значаен пад во вредноста ако се анализира со претходната 2012 година или во тој период за само една година резервите се намалиле за повеќе од 85 милиони евра. Или ако во 2012 година изнесуваат 275 милиони евра, на крај на 2013 се 190 милиони евра.

Вложуваат во злато поради трговската војна

Монетарната власт засега не планира да ја зголеми количината на злато откако во октомври 2016 година по претопување на ковани златни пари и одземен златен накит доби шест нови прачки или околу 70 килограми. Според податоци од НБМ Македонија сега поседува 221.163 унци злато, што е за 2.288 унци повеќе од пред претопувањето.

А цената на металот расте затоа што златото се користи како алтернатива на инвестиции за време на политичка и финансиска несигурност.

Моментно, САД и КИна се во најголемата трговска војна, па некои од аналитичарите очекуваат нова светска криза.Инвеститорите веќе купуваат злато затоа што само таа инвестиција е сигурна во криза. Ако пред 2000 година чинело 400 долари денеска унца вреди и над 1.300 долари. Злато масовно се купува во германија, Австрија, Англија и Швајцарија.

Вредност на резервите во злато по години (во милиони евра)

2009 - 168,1

2010 - 231,8

2011 - 267

2012 - 275,6

2013 -190,3

2014 - 215,6

2015 - 212,8

2016 - 243,2

2017 - 239,4


Aлександра Томиќ

Слично

Поврзани вести