Македонија не може да биде надворешна граница на ЕУ
Австрискиот канцелар Вернер Фајмaн укажал денеска дека Македонија не може да биде надворешна граница на ЕУ и дека очекува Германија да ги следи чекорите по кои тргна Австрија по прашањето на запирањето на бранот бегалци.
Фајман за виенски дневник „Курир“ рекол дека Македонија, Србија, Хрватска и Словенија се пред предизвик, бидејќи Грција не е во состојба да обезбеди надворешна граница, но дека не може ни Македонија, која не е членка на ЕУ, да биде надворешна граница на Унијата.
Австрискиот канцелар смета дека Германија наскоро ќе ја промени својата политика кон бегалците по примерот на Австрија.
Австрија презела, како што додал, чекори кои ја имаат предвид реалноста, а тие чекори, според неговите зборови, ќе ги преземе и Германија.
„Лично сум уверен дека наскоро ќе бидеме повторно согласни“, подвлекол Фајман.
Тој нагласил дека односот на Германија не е загрозен и дека е и понатаму пријателски, но дека мора, имајќи ја предвид состојбата, да се донесуваат мерки кои ќе ги правда во сопствената земја.
Австрија на почетокот на бегалската криза, беше меѓу најблиските сојузници на Германија, и Фајман и германската канцеларка Ангела Меркел на почетокот на септември се договорија за отварање на границите за бегалци кои доаѓаа во правец од Унгарија.
Поради огромниот бран на бегалци во Германија и Австрија се зголеми внатрешно политичкиот притисок со барање границите повторно да се затворат.
Австрија воведе ограничување за прифаќањето на бегалци, кое за оваа година предвидува 37.500 молби за добивање на азил, а воедно е днесена и одлука за дневни квоти од 80 барања, односно пропуштање на 3200 бегалци кои сакаат да добијат азил во некоја друга земја.
