Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија не е „ветената земја“ за мигрантите-Зошто тие би сакале да останат овде, кога наши граѓани си заминуваат?

Македонија не е „ветената земја“ за мигрантите-Зошто тие би сакале да останат овде, кога наши граѓани си заминуваат?

Мерсиха Смаиловиќ  од невладината организација „Легис“   вели дека  стравот дека бегалците ќе останат во Македонија е целосно неоснован. „Како земја со скромна економија и голем број на граѓани кои заминале од неа, не претставуваме примамлива земја за бегалците да останат тука . Мигрантите  сакаат да стигнат во Европските земји, а  домашните власти имаат само обврска   да им обезбедат безбеден транзит без употреба на сила и насилство“ , посочува  Смаиловиќ во разговор за Фактор.  Проценките  на УНХЦР  дека  Македонија  ја очекува нов голем бран од  бегалци се основани . Токму затоа според   “Легис“  неопходно е да се направи  Хуманитарен коридор за бегалците од воените зони.   Таа не исклучува кризата  да се продолабочува , но она што особено ја загрижува  е што  миграционата  политика и механизмите кои ги користи  ЕУ со бегалскиот  егзодус се сосема погрешни.   Смаиловиќ  за фактор   раскажжува и за начинот на кои    одредени  структури се обидуваат да профитираат на маката на бегалците, додавајќи  дека тешко се контролира целиот криминал  кој се прави.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Дали  ЕУ има  стратегија за  справување со  бегалската  криза ?

Смаиловиќ: Големиот број жртви во медитеранот се јасен сигнал, не дека ЕУ нема стратегија, туку и моменталните механизми се сосема погрешни. Подигнувањето на зидови, затворањето на границите, нехумани прифатни центри, се само сигнал дека кризата ќе се продлабочува и мора да се изнајдат соодветни механизми.

 Фактор: Како ги  оценувате  имиграциски политики на земјите членки на ЕУ особено  на клучните играчки  како Германија, Франција, Италија..?mersiha smailovik

Смаиловиќ: Секоја од горенабројаните има своја политика. Почнувајќи од Германија која до сега има примено и процесуирано најмногу барања за азил, до Франција, која поради големиот број баратели на азил, постојано ја заострува антимигрантската политика. Најголемо внимание во последно време предизвикува дивиот камп во Калаис, Франција, каде голем број на бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан се сместени во очајни услови. Италија, како и Грција и Унгарија, се само транзит ЕУ земји за бегалците. Поради неповолните економски услови и големиот број бегалци во Италија, медитеранските бегалци ја користат само како влез во Шенген зоната.

Но, постојат и ЕУ земји, каде влезот на бегалците во своите земји, ќе го криминализираат и поради тоа се отвараат се повеќе Центри за депортација, кои ќе бидат од затворен тип.

Генерално, постојат тендеции на затворање на границите, но од друга страна војната во Сирија се заострува, се повеќе цивили страдаат, а до сега ЕУ земјите имаа пасивна улога во изнаоѓањето на некое мирно решение за спречување на војната. Како и што му кажа еден Сириски бегалец на Министерот за Надворешни работи на Австрија при неговата посета на кампот во Гевгелија: „Спречете ја војната во Сирија и ние нема да имаме потреба да одиме во Европа. Ние сакаме да останеме во Сирија.“

 Фактор: Проценките на УНХЦР се дека   во наредниот период  се очекува  околу 3000 мигранти да  пристигнуваат  во Македонија.   Какви мерки  треба да  бидат превземени  за да можеме да соодветно да одговориме на беглаксиот егзодус во наредниот период?

Смаиловиќ: Поголемиот дел од бегалци доаѓаат преку егејското море од Турција до островите во Грција. Секако дека ќе итаат да ги искористат временските прилики и мирното море, да се префрлат во Грција. Проценките се очекувани, како што беше најавуван и бранот бегалци кој почна да влегува од април месецот  до сега. Она што треба да се направи е еден Хуманитарен коридор за бегалците од воените зони. Нивните трауми се свежи, а се соочуваме со доста болни бегалци посебно деца, жени и постари. Имаме конвенции и треба на овие луѓе да им се пружи сета меѓународна заштита. Високиот Комесаријат во неколку наврати алармираше и повикуваше во почитувањето на правата на бегалците. Рамномерна распределба на бегалците во Европските земји, како и прекинување на војната во Сирија и другите завојувани подрачја се единственото нешто кое би им ја олеснило голгата на бегалците.

 Фактор:Невладината „Легис“ е речиси 24 часа  на македонско грчката граница.   А свои луѓе имате кон    српската граница. Кој се обидува да прифитира на маката на мигрантите ?

Смаиловиќ: Нашите активисти се во кампот во Гевгелија но истотака и во кампот во Табановце. Немаат „работно време“ туку максимално се посветени подеднакво кон секој бегалец. За жал, тешко е да се контролираа целиот „криминал“ околу бегалците. Дивите продавачи кои им продаваат кило банани за 3 евра, вода за 2 евра и сл.па до возниот билет во возовите кој се зголеми за 80%. Ретко им се издаваат фискални сметки и дури кога купуваат во продавници. Но, се работи за толку многу ситни проблеми, кои е невозможно да се спречат. Со внесувањето на додатни автобуски линии, и со воспоставување на универзална цена, барем нивниот транспорт ќе биде одземен од незаконското профитирање.

Фактор: Дали Македонија може да стане  „жешка точка “ на бегалците?

Смаиловиќ: Македонија од сите земји во регионот ја има најповолната локација за транзитирање на бегалците. Како земја со скромна економија и голем број на граѓани кои заминале од неа, не претставуваме примамлива земја за бегалците да останат тука. Но, ние сме и земја во која лесно влегуваат и за краток период ја  напуштаат, и лесно влегуваат во Србија, која неколку пати најави дека нема да ги затвори границите за бегалците. Дури и со кревањето на оградата во Унгарија, бегалците сепак повеќе сакаат да чекаат во Србија, пред портите на Европа отколку на Балканот. Сепак Србија има околу 10 кампови во кои тие можат да преспијат, додека Македонија гради само два дневни кампа. Стравот дека бегалците ќе останат во Македонија, е целосно неоснован, тие очајно сакаат да стигнат во Европските земји, а на нас ни останува само да им обезбедиме безбеден транзит без употреба на сила и насилство. Народот во Македонија е хуман народ, тоа и го покажа во текот на целата бегалска криза, така и треба да остане.

Слично

Поврзани вести