Македонија не била ни во игра: Јужнокорејската „Кјиншин“ ја одбра Србија меѓу Албанија, Турција и Бугарија
Почетокот со работа на корејската фабрика „Кјингшин Кејбл“ (Kyungshin Cable) е важна за јавните финансии на Смедеревска Паланка, областа Дунав, но и за целата земја, рече денеска Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој присуствуваше на свеченото отворање на фабриката во индустриската зона „Губераш“ во Смедеревска Паланка. Тој рече дека Србија ги победила Албанија, Бугарија и Турција во конкуренција за привлекување на таа инвестиција. Македонија не била значи ниту во план.
Тој оцени дека Србија ќе привлече повеќе јужнокорејски инвестиции и дека тоа е земја од која „може многу да се научи“.
„Вашето техничко знаење и работни навики се нешто што би сакале да го научиме и стекнеме. Ќе се бориме за вашиот долгорочен престој и веруваме дека кога ќе го проширите бизнисот, нема да размислувате ниту за други земји заради условите кои ги нудиме, рече Вучиќ.
Тој исто така изјави дека помалку луѓе се иселуваат од таа област и воопшто од земјата поради растот на вработеноста и дека поголем проблем за демографската слика е што се раѓаат помалку деца.
"Ги молам луѓето да се грижат и да имаат повеќе деца. Тоа е моето барање до вас. Ние не сме ни близу до едноставна репродукција", изјави претседателот на Србија.
Извршниот директор на Kyungshin Cable Europe, Хае-Кеун Сео, рече дека компанијата добила нарачки вредни стотици милиони евра во областа на зелените технологии и дека ќе продолжи да го следи трендот на развој и дистрибуција во таа област.
„Сега сме пред создавање филијала во Србија, во која имаат доверба и од клиентите и од локалната заедница“, рече Jaае-Кеун Сео.
Кјингшин ќе произведува делови за традиционални автомобили, компоненти за нивните високотехнолошки електрични батерии.
Ова е инвестиција од 20 милиони евра, прва во тој дел на Србија во изминатите 60 години, што вклучуваше изградба на фабрика, поддршка на инфраструктурата и постепено вработување на 700 работници до крајот на 2022 година.
По фабриката во Полска, оваа е единствена во Европа на оваа компанија која има за цел да испорача еколошки автомобилски компоненти до европските производители и добавувачи на батерии за електрични возила.
