Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија на средината на листата според корупција во светот

Македонија на средината на листата според корупција во светот
Македонија се наоѓа на 64-тото место според индексот на перцепција на корупцијата, што го мери организацијата „Транспаренси интернешенал“. Земјава има резултат 45, со што се наоѓа на меѓу средно рангираните земји на листата од 175 држави. Индексот на перцепција на корупцијата се фокусира врз корупцијата во јавниот сектор и ја дефинира како злоупотреба на јавната положба за лична добивка. Оценките се движат од 0 за најкорумпираните држави до 100 за земјите во кои има најмалку корупција. Оваа оценка за Македонија покажува благо подобрување - лани беше 44, а во 2012 година - 43. Од земјите во регионот, Бугарија е на 69-тото место со индекс 43, Црна гора е на 76-тата позиција, Босна и Херцеговина на 80-тата, Србија на 78-та, Хрватска на 61-та. Албанија и Косово делат исто место - 110-то. Во истражувањето се нагласува дека корупцијата е проблем за сите светски економии. „Индексот за перцепција на корупцијата за 2014-та година покажува дека економскиот раст се поткопува, а напорите да се искорени корупцијата исчезнуваат во моменти кога лидерите и високите функционери ја злоупотребуваат својата моќ за да ги искористат јавните фондови за сопствена добивка“, вели Хозе Угаз, претседател на „Транспаренси интернешенал“. Најголемо влошување на сосотјбата годинава има во Турција, Ангола, Кина, Малави и Руанда, додека најголемо подобрување покажале Брегот на Слоновата Коска, Египет, Сент Винсент и Гренадини, Авганистан, Јордан, Мали и Свазиленд. Данска е убедливо на врвот на листата со оценка од дури 92 од можни 100 поени. На дното се Северна Кореја и Сомалија, со оценка од само 8.
Слично

Поврзани вести