Македонија на средина на листата по мерките за олеснување на трговијата
Македонија е на 63-тото место од 138 рангирани земји во светот според мерките за олеснување на трговијата, покажа најновиот извештај на Светскиот економски форум.
Истражувањето мери неколку критериуми - отвореност на пазарот, граничните процедури, развиената инфраструктура, пристапот до домашниот, но и до странските пазари, бирократската и административната ефикасност.
Земјава е најдобро рангирана за пристап до пазарите - на 23-тото место со индекс 4,3. Најлошо, пак, е рангирана за ефикасноста и транспарентниот начин на граничните процедури - на 85-тата позиција.
И во регионот Македонија е некаде на средината - Србија е на 89-то место, Босна и Херцеговина е рангирана на 78-та позиција, Хрватска е 56-та, Црна Гора - 49-та, а највисоко котира Словенија која во извештајот е на 38 – то место.
Глобалниот извештај се објавува на секои две години, а во светски рамки Сингапур и Хонг Конг се на врвот на листата како земји со најголеми трговски олеснувања.
Слично
