МАКЕДОНИЈА НА „СИВАТА ЛИСТА“ НА ЕУ: Од листата даночни раеви тргнати Ангвила, Доминика и Сејшели
Европската унија ги отстрани Ангвила, Доминика и Сејшелите од својата „црна листа“ на даночни оази, истовремено додавајќи ја Македонија на „сивата листа“, која вклучува земји кои имаат несоодветни даночни стандарди, но се обврзаа на измена на прописите во согласност со барања.
Ангвила, Сејшели и Доминика претходно беа ставени на „црната листа“ бидејќи не ги исполнуваа критериумите за даночна транспарентност, потсетува агенцијата АП.
Министрите за финансии на ЕУ, кои се состанаа во Луксембург, ја одобрија одлуката за нивно преместување на „сивата листа“, откако трите земји се согласија да ги прегледаат своите даночни системи.
„Црната листа“ на ЕУ беше воспоставена во 2017 година со цел да се потисне растечката даночна евазија и редовно се ажурира.
Девет „јурисдикции“ сѐ уште се наведени како „некооперативни“, како што се Американска Самоа, Фиџи, Гуам, Палау, Панама, Самоа, Тринидад и Тобаго, американските Девствени Острови и Вануату.
Ангвила, Доминика и Сејшелите сега се наведени како јурисдикции кои сѐ уште не се во согласност со сите меѓународни даночни стандарди, но се посветени на принципите на добро даночно управување.
На „сивата листа“ се додадени и Костарика, Хонг Конг, Малезија, Северна Македонија, Катар и Уругвај, додека Австралија, Есватини (поранешен Свазиленд) и Малдиви се отстранети од неа по реформата на нивните даночни системи.
