Македонија на Саемот за туризам во Виена
Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Австрија и економскиот промотор, и годинава го претставија туристичкиот потенцијал на Македонија во Виена.
Македонскиот амбасадор во Австрија, д-р Ѓорѓи Филипов истакна дека Република Македонија продолжува со агресивниот настап на полето на туристичката презентација на земјата.
- Одличната организација и презентација на штандот, настапот на Македонска детска фолклорна група, вклучувањето на условно речено мистифицирани приказни го загатнаа интересот на присутните Австријци кои потоа со апетит пријдоа кон пробата на македонското вино кое беше понудено на штандот. Се забележува разлика од претходните и оваа година во динамиката и во поголемото присуство на Македонски тур-оператори поради што сум убеден дека оваа година бројот на австриски туристи далеку ќе ја надмине претходната година, рече Филипов.
Како туристичка дестинација и македонските тур-оператори Visit Macedonia, Panoramic и Macedonia Travel ја понудија Македонија.
- Ова е втор саем за туризам на кој ја претставуваме Република Македонија годинава, кој следи веднаш по Холандија. Интересот за Македонија како туристичка дестинација расте на австрискиот пазар. Нови соработки со Австриски тур-оператори се на повидок, со што очекуваме бројот на туристи од Австрија драстично да се зголеми оваа година. Посебен акцент при промоција на Македонија во Австрија, е ставен на бројните сончеви денови кои на Австријците им недостасуваат, рече Маја Глигоровска, портпарол на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Ева Велјановска, економски промотор во Австрија рече дека австрискиот пазар е огромен потенцијал за Република Македонија, како во поглед на туризам, така и за инвестиции.
- Претставувањето на Република Македонија на Саемот за туризам во Виена предизвика огромно внимание кај австриските посетители, откривајки го потенцијалот на Македонија како атрактивна, а сепак блиска туристичка дестинација. Туризмот е значаен фактор за зголемување на економската соработка помеѓу овие две земји. Освен интересот за Македонија во поглед на туризам, зголемен е и интересот за инвестирање и веќе имаме најави за нови инвестиции од Австрија, посочи Велјановска.
