Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија на 43 место по економски слободи

Македонија на 43 место по економски слободи
На 43-то место од 184 земји - вака е рангирана Македонија според индексот на економски слободи за 2014 година, што заеднички го објавуваат Фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит Журнал“.

Рејтингот на земјава годинава се подобрил за 0,4 индексни поени во однос на лани. Ова е најдобар скор за Македонија откако таа е вклучена во рангирањето во 2002 година. Од тогаш па до денес, земјава направила напредок за 11 поени во индексот на економски слободи.

Во извештајот, Фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит Журнал“ наведуваат дека во Македонија е забележано подобрување во девет од 10 категории според кои се врши рангирањето: бизнис-слободи, трговски слободи, фискални слободи, јавна потрошувачка, монетарна слобода, инвестициска слобода, финансиска слобода, слобода на пазарот на труд, право и заштита на сопственост и корупција.

Истовремено, се нагласува дека банкарскиот сектор релативно добро се справил со глобалната финансиска криза, а била задржана и монетарната стабилност. Како слабост се наведува легислативата за заштита на сопственичките права и борбата со корупцијата, како и судството кое е оценето како подложно на политичко влијание и корупција.

Со овој индекс, Македонија е најдобро рангирана меѓу земјите од регионот - Албанија е на 54 место, Бугарија и Романија на 62, Црна Гора на 68, Словенија на 74, Хрватска на 87, Србија 95 и Босна и Херцеговина 101 место.

На врвот на листата по економски слободи за 2014 година се Хонг Конг, Сингапур, Австралија, Швајцарија, Нов Зеланд, Канада, Чиле, Маурициус, Ирска и Данска. Најдолу на листата се Северна Кореа, Куба, Зимбабве, Венецуела и Еритреја.

Слично

Поврзани вести