Македонија помина „евтино“ со шумските пожари
Од 129 регистрирани шумски пожари во 2018 година направена е штета од 69 милиони денари или некаде околу 1,15 милиони евра. Ова е многу помалку од една година претходно кога земјата беше во минус од 32 милиони евра од изгорените шими, евидентира „Македонски шуми“.
Ланските пожари зафатиле околу 2.800 хектари и дрвена маса од 5.785 метри кубни, што е многу помалку, или подобро за шумскиот фонд, од 2017, кога на 13.300 хектари 364-те пожари изгореле 83 илјади метри кубни дрво.
Трошоците за гасењето изнесувале 2,3 милиони денари. Од вкупниот број на пожари, поголемиот дел, или вкупно 80, настапиле во самата шума, а останатите вон истата. Речиси целокупната штета ја направиле само 16 пожари и секој од нив успеал да изгори маса од над 100 метри кубни. Речиси подеднаква била штетата и кај листопадните и кај иглолисните шуми.
- Бројот на пријавени шумски пожари на отворен простор е помал поради временските прилики. Следењето на настанатите пожари е преку електронскиот систем, односно преку статистичките листови кои ги доставуваат подружниците, велат од „Македонски шуми“. Од таму додаваат дека превентивно на овие непогоди се одговара со кампањите, со подготовка во тренинг центарот, со изработките на оперативните планови.и со обуки на вработените.
Претпријатието вели дека приходите од наплата на шумски штети изнесуваат 27,3 милиони денари, а од продажба на конфискувано дрво се 24 милиони денари. Овие приходи се повеќекратно зголемени во однос на претходната година.
Во гаснењето на пожарите и заштитата на шумскиот фонд, покрај противпожарните единици, учествувале и 872 вработени од јавното претпријатие.
А.К.
