Македонија ќе добие средства од продажбата на ДКП на СФРЈ
И Република Македонија како земја наследничка ќе добие средства од продажбата на пет објекти кои припаѓале на дипломатско-конзуларната мрежа на поранешната СФРЈ.
Според договорот постигнат на состанокот на Мешовитиот комитет за сукцесија на дипломатскиот имот на поранешна СФРЈ, што овој месец е одржан во Скопје, станува збор за имот на дипломатско-конзуларните претставништва во Њујорк, Бон, Берн и во Токио чија пазарна вредност се проценува меѓу 70 и 80 милиони долари.
Како што пишува денеска „Вечерње новости“, во Њујорк покрај станот на Петтата авенија, кој е затворен од 1992 година, на продажба ќе биде ставена и зградата во која во моментов е сместена Амбасадата на Србија во ОН, чија вредност е околу 11,8 милиони долари. Објектот во Токио кој се проценува на 16 милиони долари, како и оној во Берн, кои одат на продажба, исто така, ги користи Србија како свои амбасади. Србија бара од сумата од продажбата на петте објекти, прво да се издвои дел за покривање на нивните трошоци за одржување на станот во Њујорк, кои според нив изнесуваат околу 2,7 милиони долари, како и на станот во Бон, а потоа да се дели остатокот.
Ќе започне процедура за продавање на дипломатските и конзуларните имоти во Централноафриканска Република, Гвинеја, Замбија и Гвајана. Од вкупно 123 недвижнини во процесот на сукцесија досега се поделени 72 објекти. Најголем дел од нив и припаднаa на Србија 30, на Хрватска 18, Словенија и Босна добија по 10, а Македонија доби четири објекти – амбасадите во Канбера и во Атина, стан во Рим и генералниот конзулат во Цирих. Според усвоениот модел, имототот, но и долгот на поранешната СФРЈ треба да се дели според учеството на секоја од републиките во формирањето на општествениот производ на тогашната федерација. Македонија треба да добие 5,4% од имотот. Амбасадата во Париз, која Македонија ја доби во владение, е надвор од оваа група ДКП кои е на поделба, бидејќи секоја од земјите наследнички добија по една амбасада пред да почне поделбата на дипломатскиот имот низ светот.
