Македонија ја очекува втор мигрантски бран летово?
Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов вчера изјави дека има најави за втор мигрантски бран што се очекува за време на летото.
Иванов вели дека ова ќе биде сосема поинаков од искуствата кои ги имавме со првиот мигрантски бран. Објасни дека овој бран е веќе тргнат и се чувствува во централно медитеранскиот коридор.
По тој повод, Иванов го посети Министерството за внатрешни работи со цел поуспешно менаџирање на кризата која претстои.
„Сето ова е во функција на најавите дека не очекува втор мигрантски бран. Министерот, заедно со директорите ме информираа за сите научени лекции и сето она што го имавме во првиот бран. Сите мерки се преземени, од голема корист се полицајците од земјите членки на ЕУ и балканскиот регион. Сите активности се синхронизирани, нашиот кризен менаџмент дневно известува за сите обиди за влегување и отворање на балканскиот регион“- вели Иванов.
Вели дека земјата успешно се справи со мигрантската криза и предизвиците кои таа ги носи.
Според Иванов станува збор за втор бегалски бран кој трнува од Египет, каде моментално има пет милиони мигранти, а на границите со Судан има 20 милиони потенцијални мигранти од Африка.
Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков изјави дека за време на посетата заеднички било заклучено дека бегалската криза не е минато свршено време, туку актуелните закани и ризици продолжуваат и понатаму.
