Македонија изолирана: Грчкото вето и недостигот на реформи ја блокираат земјата
Македонија се изолира. Грчкото вето и недостигот на реформи ја блокираат земјата, пишува најтиражниот весник во Швајцарија Ноје Цирхер-цајтунг . Весникот заклучува дека пораката што ја праќа Скопје е: Ние, Македонците сме горди потомци на Александар Велики. И покрај тоа што не припаѓаме во ЕУ и сме сиромашни – никој не може да ни го земе нашиот идентитет. Како ќе излезе земјата од овој ќор-сокак е мистерија.Текстот Ви го пренесуваме во целост.
Македонија речиси целосно исчезна од радарот на политиката за проширување на ЕУ. Некогаш оваа земја беше напреден кандидат. Сепак, надворешните и внатрешните блокадисе зголемуваат на фатален начин.
На состанокот за „проширување“ на јунскиот самит на шефовите на земји и влади од ЕУ, Македонија не беше спомената. Нема ништо ново да се каже – се велеше од Брисел. Одлуката, којашто не беше неочекувана, во Скопје беше примена со разочарување. Контрастот наспроти успешен почеток на ЕУ-интеграцијата на земјата со два милиона жители всушност има колосални размери.
Политичка стагнација
Во 2005 година Македонија како кандидат за прием во ЕУ беше речиси на исто ниво со денешната членка, Хрватска. Македонија далеку зад себе ја остави Србија. Во тоа време Белград немаше ниту потпишано договор за асоцијација со ЕУ. Сега Белград најверојатно ќе ги започне преговорите за пристапување во јануари. Македонија не е ниту на дневниот ред.
Кој е виновен за ова? За премиерот Никола Груевски, кој е на чело на Владата од 2006 година, одговорот е јасен. Виновник за застојот е Грција, којашто секој чекор за интеграција на Македонија го условува со откажување на Република Македонија од името и нејзино натамошно именување како Горна Македонија или Вардарска Македонија. Само северната грчка провинција смее да се нарекува Македонија. Второ на што се жали Груевски се големите земји од ЕУ, коишто ја присилиле Грција да спроведе целосна економска програма, но не извршиле притисок врз Атина во однос на спорот со името. Критиката на македонскиот премиер е оправдана – но, не целосно. Бидејќи за внатрешно-политичката стагнација не се виновни ниту Брисел ниту Атина, туку неговата влада.
Изгледа дека започна да се врти маѓепсан круг. Недостигот од изглед за преговори за прием ги минираше реформите во Македонија за правна држава, но исто така и за развој на независен медиумски сектор. И во двата сектори „правна држава“ и „медиуми“ се зголемува владиниот притисок, што резултира со тоа што многу медиуми, но исто така и судството, работат во служба на Владата. Овој негативен развој се набљудува во главните градови на членките на ЕУ и натаму ја намалува и онака слабата волја за деблокирање на процесот на пристапување во ЕУ преку Грција.
Некои набљудувачи на состојбите го критикуваат зголемувањето на автократскиот стил со кој владее колицијата составена од националистичко-конзервативната ВМРО и етничко-албанската партија ДУИ. Парламентот се’ помалку станува место, каде што пред очите на јавноста можат да дебатираат владејачките и опозициските партии. Опозицијата е изигрувана со процедурални трикови, а потоа со месеци намуртено го бојкотира работењето на Парлементот.
Во ќор-сокак
Веќе седум години по ред опозицијата ги губи сите избори. И бидејќи партиите овде во Македонија функционираат како клиентелистички системи за вработување и добивање тендери, опозицијата – којашто нема никакви бенефиции за нудење – станува се’ послаба. Мала светлина во тунелот би можело да биде новото водство на социјал-демократите на Зоран Заев, којшто ветува обновување на партијата и на опозициската политика.
Колку е повеќе Владата попасивна во реформирањето на државата и администрацијата, толку повеќе се ангажира на идентитетско-политички план. Со огромен финансиски ангажман (од којшто краткорочно профитираше градежната индустрија) центарот на Скопје се претвора во „тематски парк“ од споменици и антички фасади. Пораката гласи: Ние, Македонците сме горди потомци на Александар Велики. И покрај тоа што не припаѓаме во ЕУ и сме сиромашни – никој не може да ни го земе нашиот идентитет. Како ќе излезе земјата од овој ќор-сокак е мистерија.
превод и обработка: Редакција Фактор
Слично
