Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија излегува од политичката криза со надеж за позитивна препорака од Брисел

Македонија излегува од политичката криза со надеж за позитивна препорака од Брисел

Доцна ноќта четворицата политички лидери - Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи, постигнаа договор за составот на преодната влада.

Преговорите траеја скоро 6 часа и завршија непосредно пред 2.00 часот по полноќ.

Генералниот секретар на опозицискиот Социјалдемократски сојуз „СДСМ“ Оливер Спасовски ќе биде новиот министер за внатрешни работи, а заменик-претседателот на СДСМ Фросина Ременски ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика.

Четворицата лидери постигнаа договор за новиот Закон за Владата и т.н. „бомби“ - откритијата кои ги направи опозицијата за корупцијата, изборните измами, интервенцијата во судството, притисокот врз медиумите и кршење на човековите права и слободи во Македонија.

Согласно новиот закон за работата на Владата заменик-министрите ќе имаат право на вето само кај прашањата кои се однесуваат на одржувањето на предвремените парламентарни избори, кои треба да се одржат во април следната година.

Државната изборна комисија ќе интервенира по сите прашања во врска со изборите.

Законот за „бомбите“ предвидува казни за сите медиуми кои ќе шират информации, кои ја загрозуваат приватноста на граѓаните, но и на оние кои работат во државната администрација. Четирите партии се согласија во однос на овој закон да го побараат мислењето на Венецијанската комисија.

Премиерот Никола Груевски и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ рече дека „неговата партија сака да се одржат избори и граѓаните да ја дадат својата пресуда“. „Граѓаните решаваат. Тие и овој пат ќе покажат пред целата европска и меѓународна заедница дека не е можно преку валкани игри да дојдеш до власта. Ова нешто сакам да го разбере и СДСМ“, изјави Груевски по завршувањето на преговорите.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев пак изјави дека „ова е нов почеток за Република Македонија и сите нејзини граѓани“. „Постигнавме договор што уште утре треба да биде правно и легално формализиран“, изјави Заев и ги потврди имињата на двајцата министри од неговата партија, како и имињата на замениците-министри: Кире Наумов во финансии, Љупчо Николовски во земјоделството и Александар Кирацовски во државната администрација.

Четворицата лидери преговараа во клубот на пратеници. Неколку часа пред нивната средба Специјалниот обвинител Катица Јанев успеа да го пополни својот тим од обвинители. Сите тие - 12 положија заклетва. На свеченоста не присуствуваше сегашниот главен обвинител Марко Зврлевски.

Ве потсетуваме хронолошки на кризата во Македонија:

Кризата во земјава започна на самиот крај на месец јануари, кога лично премиерот Никола Груевски го обвини претседателот на опозицијата Зоран Заев дека сака насилно да го симне од власт и дека работи за странски служби. Недела потоа лидерот на СДСМ започна со т.н. „Бомби“ - ширење на телефонски записи, во кои главни ликови беа Груевски, неговиот братучед и шеф на тајните служби Сашо Мијалков, министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и министерот Миле Јанакиевски.

Во меѓувреме на 9-ти мај во Куманово дојде до вооружен конфликт, во кој загинаа 8 македонски полицајци и 10 албански терористи. Според властите „станувало збор за најголемиот терористички напад против Република Македонија“. Опозицијата се посомнева дека „управувањето е инсцениран судир за да се спаси режимот на Груевски“. Три дена по операцијата Мијалков и Јанкуловска поднесоа оставки. Цело време опозицијата повикуваше за оставка на Груевски, составување на преодна влада и предвремени парламентарни избори. Груевски категорично ги отфрли овие барања и ја обвинуваше СДСМ и Зоран Заев дека работат за „странски разузнавачки служби“ и дека снимките се изманипулирани. Во исто време почна и истрага за случајот „пуч“ против самиот Заев, но тој одби да се појавува во судот. Во месец мај со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл започнаа преговорите за излез од политичката криза. Во еден момент во нив се интервенира и американскиот помошник-државен секретар Викторија Нуланд. На крајот на 15-ти јули четворицата лидери се договорија за одржување на предвремени парламентарни избори во месец април следната година, избор на нов специјален обвинител до 15-ти септември, кој ќе треба да ги испита откритијата на опозицијата и обвинувањата против Заев, вклучување на министри од СДСМ во управувањето и оставка на Груевски три месеци пред изборите.

Во исто време пратениците ќе треба да ги „расчистат избирачките списоци и да гарантираат фер, слободни и демократски избори“.

Спроведувањето на договорот доведе до нови преговори и дел од договореното не е реализирано во наведените рокови. Ова доведе до нова интервенција на еврокомесарот и западните дипломати во Скопје при што конечно исходот од маратонските преговори е договор за преодна влада.

Со договорот Македонија има шанса да добие позитивна оценка во Извештајот за напредокот на земјите кандидати за членки во Еврпската унија кој ќе биде соопштен следната недела, најверојатно во вторник.

Слично

Поврзани вести