Македонија има малку жени претприемачи, само 2% жени се на раководни позиции
Во Македонија е многу мал бројот на жени претприемачи.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти Тања Дејаноска од Сојузот на стопански комори. Таа додава дека само 2% од жените во Македонија се на раководни позиции во големите компании, околу 32% се жени во претприемништвото, а помалку од 4% се жени сопственици на бизнис. Државните субвенции за жените претприемачи, што моментно изнесуваат околу 2.000 евра и треба да се зголемат, сметаат од ССК.
„Финансиската поддршка е многу мала за почнување сериозен бизнис. Иако на овој начин се прави обид за поттикнување на женското претприемништво, во однос на она што го издвојуваат земјите од регионот, субвенциите не се доволни и затоа треба да се зголемат“ - вели Дејаноска.
Жените на менаџерска позиција се застапени најчесто во образованието, финансискиот сектор, текстилната индустрија, агробизнисот, ИТ и медицина.
