Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија и Турција заедно ќе ги освојуваат пазарите на ЕУ

Македонија и Турција заедно ќе ги освојуваат пазарите на ЕУ

- Билатералните односи меѓу Македонија и Турција се одлични, и тие се на ниво на традиционално пријателство, со сите елементи на стратешко партнерство и со уште поголем потенцијал за севкупна соработка на чие искористување треба да се работи во наредниот период. Не` радува фактот што Владата на Република Турција и турските бизнисмени имаат стратешки интерес за интензивирање на трговската соработка со Македонија и Балканот, како во делот на инвестициите, така и во делот на туристичката промоција на земјава. Всушност, Република Македонија и целиот балкански регион имаат потреба од глобализација на економијата во партнерство со турската економија.

Ова го истакна м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, на Македонско-турскиот бизнис-форум со индустријалци и бизнисмени од турската област Башискеле.

Нејзината порака до гостите беше дека во Македонија постојат големи можности за инвестирање во повеќе сегменти и тоа во инфраструктурата, особено патната и железничката, во земјоделството, текстилната и автомобилската индустрија и во туризмот.

- Веќе постојат реални предуслови турските и македонските компании заеднички да влезат на пазарите во Европската унија, Северна Африка и на Блискиот Исток, за што треба компаниите добро да се подготват и да се информираат за правните процедури, за законските регулативи и деловните можности за влез во овие земји во соработка со коморите и асоцијациите на двете земји. Сето ова значи дека имаме голем потенцијал за деловна соработка, на сите нивоа, имаме отворен дијалог и волја за поинтензивна соработка и ова треба да го искористиме да биде наша заедничка предност, - додаде м-р Елена Милевска Штрбевска.

Бариш Арат, претседател на Асоцијацијата на индустријалци и бизнисмени  „Башсиад“, спомена дека меѓу двете земји има стратешко партнерство и затоа   тие се во Република Македонија, да ги „снимат“ состојбите и да обезбедат партнери за заеднички бизнис-потфати.

- Нашата бизнис-делегација од Кочаели во близината на Истанбул е составена од претставници од компании од градежништвото, металната и индустријата за пластика и од областа на услугите. Нашите деловни луѓе се привлечени од информациите за добрата бизнис-атмосфера во Република Македонија. Се согласуваме дека заеднички и со квалитетно производство можеме да најдеме место на пазарите во ЕУ, Блискиот Исток и Северна Африка, - подвлече Бариш Арат.

Бизнис-асоцијацијата „Башсиад“ од Кочаели е од особено значење за целиот регион и за Турција бидејќи придонесува за раст на  турскиот БДП за цели 6%. На Кочаели отпаѓаат 13% од надворешно-трговската размена на Турција. Стратешки, тој е град на поврзување на  трговијата  меѓу Истанбул и Анадолија и азискиот континент.

Инаку,  вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Турција во 2014 година достигна вредност од 441 милион САД $, што претставува раст од 14,35  % во однос на истиот период од 2013 година.

Слично

Поврзани вести