Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија и Србија ќе штедат со заеднички амбасади

Македонија и Србија ќе штедат со заеднички амбасади
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Попоски и Ивица Дачиќ, на нивната средба денеска во Скопје потпишаа Спогодба за заеднички дипломатско-конзуларни претставништва во светот, со цел да се заштедат пари на дипломатската служба и да се обезбеди подобро покривање на дипломатската мрежа. Допрва ќе се дефинира колку амбасади ќе бидат вклучени во овој проект на заедничко користење и во кои земји во светот. Ова практично значи дека во некои земји македонските државјани ќе можат да ги користат услугите на српските ДКП-а, а во други земји - обратно, што ќе овозможи рационално користење на ресурсите.
„Заеднички интерес е да ги употребуваме државните ресурси разумно,“ нагласи министерот Попоски. „Затоа одиме кон заедничко користење на простор со што ќе го намалиме трошокот на дипломатската мрежа. Ние имаме позитивни примери на соработка во оваа насока – со Унгарија, со Турција, со Словенија – и сега ми е драго што имаме ваков договор и со Србија. Рамка постои и со Црна Гора, а сакаме да ја прошириме со сите наши партнери од регионот.“ Попоски и Дачиќ договориле и втората заедничка седница на владите на двете држави да се одржи во Скопје, во октомври или ноември.
Двајцата министри разговарале и за економската соработка, а особено за инфраструктурните проекти што ги поврзуваат двете соседни земји. „Ние сме долгогодишни економски партнери и треба што повеќе да работиме заеднички на развојот на тие економски односи. Нашиот обем на размена е некаде 850 милиони евра годишно и треба да работиме заеднички да настапуваме на некои трети пазари“, предложил Дачиќ.
Слично

Поврзани вести