Македонија и Србија имаат најмалку питка вода по глава на жител на Балканот
БиХ и Хрватска имаат најмногу питка вода по глава на жител од земјите на Балканот, а Македонија и Србија најмалку, покажуваат податоците до кои дошле новинарите на агенцијата Анадолија.
Според истражувањето на новинарите за состојбата за водните богатства на земјите во југоисточна Европа и другите делови од светот, податоците на Светска банка за 2012 година, покажуваат дека Босна и Херцеговина е земја со најголеми количини на питка вода по глава на жител. БиХ со 9,461 кубен метар питка вода по глава на жител е прва во регионот и седма во Европа. БиХ по водни ресурси е побогата од многу земји во светот вклучувајќи ги Кина, Франција, Германија, Јапонија и Соединетите Американски Држави.
За споредба, БиХ е седум пати побогата од Германија со обновливи извори на питка вода. Во регионот на југоисточна Европа, веднаш по БиХ е Хрватска која има 8,555 кубни метри вода по глава на жител. Следи Албанија каде според податоците на Светска банка забележани се 8,364 кубни метри питка вода по глава на жител. Последни се Македонија со 2,616 кубни метри и Србија со 1,158 кубни метри вода по глава на жител.
Според овие податоци, во областа на обновливи извори на питка вода БиХ е седум пати побогата од соседна Србија. Од земјите во поширокиот регион, по БиХ најбогата со вода е Словенија со 9,098 кубни метри по глава на жител, а следат Турција со 3,083, Бугарија со 2,809 и Словачка со 2,316 кубни метри питка вода по глава на жител.
Гледано во европските земји, Исланд е со 532,915 кубни метри питка вода и е најбогата земја со водни ресурси, а следат Норвешка со околу 77,000, Финска со 19,500 и Шведска со околу 18.000 кубни метри питка вода по глава на жител.
Од друга страна, европска земја со најмалку водни капацитети е Малта каде се наоѓаат само 121 кубни метри по глава на жител, а следат Молдавија со 281, Холандија 659 и Кипар со 669 кубни метри питка вода по глава на жител. Гледано на глобално ниво, по Исланд кој е најбогат со питка вода, следат Гвајана со 318,766, Суринам со околу 166,000 и Папуа Нова Гвинеја со околу 115,000 кубни метри питка вода по глава на жител.
Од друга страна, најсиромашна земја со водни ресурси во светот е Бахреин каде има само 3 кубни метри питка вода по глава на жител, а следат Обединетите Арапски Емирати со 19, Египет со 22, Катар 30 и Саудиска Арабија со 85 кубни метри питка вода по глава на жител.
Слично
