Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНИЈА И СÈ Е СПЕЦИЈАЛНО: Се крчка ли нова Антикорупциска комисија?

МАКЕДОНИЈА И СÈ Е СПЕЦИЈАЛНО: Се крчка ли нова Антикорупциска комисија?
Месецов се навршува една година откако беше избран актуелниот состав на Антикорупциската комисија. За овие дванаесет месеци, Комисијата одржа само две прес конференции, а на втората претседателот Горан Миленков избега по неколку новинарски прашања. Членовите на Комисијата се анонимни во јавноста, не даваат изјави, а се појавуваат само кога мораат на конференции и трибини каде се поканети како гости. Последен пат се огласија вчера со соопштение, за да демантираат дел од медиумите дека се подготвува формирање на пандан, односно „Специјална антикорупциска комисија“. Од Антикорупциската комисија тврдат дека се работи за редовен оглас за вработување на пет лица кои ќе работат во новоформираното Одделение за антикорупциска проверка на легислативата во рамки на Секретаријатот на ДКСК. Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски се чуди зошто се вработуваат нови луѓе за да ги анализираат законите. „Следење на законите беше обврска на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата воведена уште со првиот Закон за спречување на корупцијата. Нашата надлежноста беше да се следи законската регулатива и да ги иденфтификуваме можните жаришта на корупција кои законите ги создаваат. Од Владата ги добивавме законите кои беа изготвени и дававме забелешки доколку имаше сомнеж дека мерките во него ќе продуцираат коруптивно однесување“, објаснува за Фактор поранешниот член на Антикорупциската комисија Драган Малиновски. За гласините дека новите вработувања практично значат воведување на „специјални антикорупционери“, Малиновски вели дека е против тоа да се формираат „специјални институции“ како по примерот на Специјалното јавно обвинителество. „Не треба да се прават паралелни, дополнителни институции, треба да ги јакнеме постојните институции. Нашата Антикорупциска комисија има проблем со своите политики, со тоа дали сака да спроведе здрави политики во борбата со корупцијата или не. Членовите на Комисијата се професионално вработени таму, но не се гледа никаква ефикасност од нивната работа.“, оценува Малиновски. Немаме коментар за „БОМБИТЕ“ Претседател на Антикорупциската комисија е Горан Миленков кој по професија е адвокат. Но, по своите изјави повеќе наликува на политичар. Така, тој на последната прес конференција на 2 јули на прашањето како ја коментира содржината на бомбите на СДСМ, во кои се зборува за вмешаност на владини функционери во коруптивни скандали, Миленков само одговори: „Нема да коментирам случаи што се во судска процедура“. Овој состав на Комисијата нема отворено ниту еден голем случај на корупција. Одвреме навреме само ќе се огласат со соопштение дека утврдиле судир на интереси кај одреден именуван функционер. Пред два месеца антикорупционерите се огласија со „Мислење“ за тоа што смее, а што не да го прави преодната Влада за спроведување на изборите, како и за време на периодот од денот на донесувањето на Одлуката за распишување на изборите до изборот на Парламентот и на Владата. Според ова „Мислење“, власта може да вработува во јавната администрација, да именува и разрешува функционери, да склучува и раскинува договори за концесија на државно земјиште, да носи урбанистички планови, да менува закони. Македонија се наоѓа на 66 место на светската ранг листа според борбата против корупцијата. Екс антикорупционерот Малиновски вели дека сите извештаи на Европската комисија укажуваат дека имаме само декларативна борба против корупцијата. „Во сите извештаи се бара работата на Антикорупциската комисија да биде видлива и да дава резултати, но факт е дека таа е невидлива.“, заклучува Малиновски. Членови на актуелниот состав на ДКСК се: претседателот Горан Миленков, потоа Фарие Алиу, Игор Тануровски, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили. M.J
Слично

Поврзани вести