Македонија и Косово потпишаа договор за туристичка соработка
Министерот за економија Ваљон Сараќини и заменик претседателот и министер за индустрија и трговија на Косово, Мимоза Кусари - Лила, денес потпишаа Договорот за туристичка соработка меѓу двете земји.
Тие најавија дека Македонија и Косово ќе го развиваат туризмот и неговата заедничка промоција на трети пазари, ќе работат и на зголемување на извозот од Косово во Македонија, но и дека ќе ја подобруваат и бизнис климата за привлекување на странски инвестиции.
„Од особена важност во наредниот период ќе биде патот Приштина – Скопје, чија изградба на косовска страна ќе започне во октомври, капиталниот проект Брезовица, чиј старт е прецизиран на есен, а Договорот за туристичка соработка претставува сигнал дека сме блиски држави кои треба да настапат со заедничка туристичка понуда, но и заедничка промоција, не само во туризмот, туку и во инвестициите - вели Кусари.
Според министерот Сараќини, Договорот за соработка во областа на туризмот ќе претставува солидна основа за поволна рамка за инвестиции во областа на туризмот, размена на информации, статистички податоци и слично, заемно учество на туристички изложби, саеми и останати манифестации, размена на исуства во делот професионална обука на персонал од туристичките индустрии во двете земји, поттикнување на туристичката соработка во рамки на Светската туристичка организација и останати меѓународни организации и промоција на регионот кон трети партнери.
Вредноста на трговската размена со Косово во првиот квартал во 2013 годината изнесува околу 96,2 милиони долари, со суфицит на македонска страна од 78,4 милиони долари.
