Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија го зголемува капиталот во Светска банка

Македонија го зголемува капиталот во Светска банка

Македонија со нешто повеќе од 1,6 милиони долари ќе го зголеми својот капитал во Светската Банка со владина одлука да се купат дополнителни акции во Светска банка, а ова засега недоисполнето учество на земјата и е обврска уште од нејзиното осамостојување.

Со оваа одлука Македонија запишува 53 дополнителни акции во износ од 1.27 милиони долари кои претставуваат 20 отсто од вкупниот износ на акциите кои треба да се уплатат за општо зголемување на капиталот и 47 дополнителни акции во износ од 340 илјади долари кои претставуваат 6 проценти од вкупниот износ на акциите кои треба да се уплатат за селективно зголемување на капиталот.

Нина Ангеловска, министерката за финансии и гувернер на Македонија во групацијата Светска банка - Меѓународната банка за обнова и развој, Меѓународното здружение за развој, Меѓународната финансиска корпорација и Мултилатералната агенција за гарантирање на инвестициите, како овластена ќе го потпише инструментот за запишување на акциите. Министерот за правда Рената Дескоска дополнително ќе треба да издаде правно мислење со кое ќе ја потврди авторизацијата.

Македонија од 1993 е еден од правните наследници кои произлегоа од СФРЈ  како нови членки во Меѓународната банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација, Меѓународното здружение за развој и Мултилатералната агенција за гарантирање на инвестициите и од тогаш има обврска да запишува акции, но тоа до сега го има сторено само во два наврати и тоа во последните две години.

Претходниот пат, во 2017 тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски потпиша купување на 114 дополнителни акции во износ од 825.143 долари кои претставуваат 6 отсто од вкупниот износ за општо зголемување на капиталот, инаку услов кој се бараше уште од 2010. Оваа одлука требаше да ја изврши поранешниот министер за финансии Кирил Миноски уште во 2016, но не се ефектуираше со формирањето на предизборната техничка влада.

Македонија е обврзана да го зголемува својот капитал во Светска банка со донесениот закон за правно наследство за членување во меѓународните институции донесен во 1993. Министерството за финансии е должно да ги обезбедува средствата, додека Народна бакна е депозитор на средствата и имотот на Светската банка. Парите се обезбедуваат од буџетот и од девизните резерви. Акциите во Светската банка се имот на Македонија во надлежност на Министерството за финансии.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести