Македонија ги укинува заштитните мерки кон Грција
Македонија ги укина заштитните мерки кои ги ограничуваа капиталните одливи кон Грција поради должничката криза во оваа земја.
Од Народната банка информираа дека заштитните мерки се укинати заради заштита од опасноста од нарушување на рамнотежата во билансот на плаќања или на стабилноста на финансискиот систем на земјава, како последица на евентуалните позначителни одливи на капитал од Македонија кон Грција.
– Заштитните мерки ја постигнаа целта заради која беа воведени, односно оневозможија поголеми капитални одливи од Република Македонија, не нарушувајќи го притоа деловното работење на домашните компании со грчки субјекти. Рамнотежата во билансот на плаќања и стабилноста на домашниот банкарски систем беа одржани, соопшти НБРМ.
Заштитните мерки, се нагласува во соопштението, беа со привремен карактер, за период од најмногу шест месеци, а постоеше можност за продолжување на нивната примена.
– Но, веќе одреден период, состојбата во Грција се стабилизира, кредиторите продолжија со финансиското поддржување на Грција, којашто, пак, се обврза да применува економски и социјални реформи, како и мерки за штедење. Поради тоа, со истекот на шестмесечната важност на заштитните мерки на 28 декември 2015 година, односно почнувајќи од 29 декември 2015 година, оваа одлука веќе не е во примена, стои во соопштението од НБРМ.
