Македонија е делумно слободна земја
Македонија и натаму останува делумно слободна земја, оценува „Фридом хаус“ во најновиот извештај „Слобода во светот“. Во извештајот се оценува состојбата со слободата во 195 земји и 14 територии во текот на минатата година.
Секоја од нив добива оценки од највисоката 1 до најниската 7 во две категории: политички права и граѓански слободи. Македонија и во двете категории е оценета со тројка, што е истата оценка што ја доби и минатата година.
Од земјите во регионот, Албанија и Босна и Херцеговина се исто така делумно слободни со иста оценка како Македонија, а во таа група е и Косово иако политичките и граѓанските слободи во оваа земја се полошо оценети.
Фридом хаус како негативен пример ја спомнува Турција, односно авторитарните тенденции на премиерот Реџеп Таип Ердоган и неговото справување со протестите во Истанбул, за што и оваа земја се вбројува во делумно слободни. Сите останати земји во регионот се наоѓаат во групата на слободни земји.
Во извештајот се наведува дека повеќето европски земји покажуваат висок степен на почитување на демократските стандарди и граѓанските слободи и покрај тоа што некои од нив се соочуваат со растечки национализам како одговор на бранот имигранти. Вкупно 54 земји во светот лани забележале пад, додека 40 земји напредок во политичките права и граѓански слободи.
Четириесет и осум земји во светот се оценети како целосно неслободни, а меѓу нив се Русија, Северна Кореја, Узбекистан, Азербејџан, Авганистан, Сирија, Сомалија, Саудиска Арабија.
Слично
