Македонија до гуша во долгови, кој ќе ги враќа?
Македонија продолжува со истата политика на позајмување пари, за враќање на стари долгови.
Со новата еврообврзница, Македонија денеска за задолжи за половина милијарда евра.
Овој долг ќе треба да се враќа во наредните 10 години, а парите се предвидени за рефинансирање на обврските, односно отплата на државниот долг на Македонија.
Годишната камата по која ќе се враќа долгот се уште не се знае, но јасно е дека овој товар ќе падне на грбот на следните генерации.
Економистите сметаат дека оваа политика на задолжување за плаќање стари долгови е убиствена за македонската економија.
„Ќе бидат приморани долговите кои ги имаат кон фирмите кои работат на реализација на проектот „Скопје 2014“ да ги неутрализираат нивните реакции, оти тие логично сега ги барат парите. Од една страна ќе ги платат од друга страна ќе се должат на други фирми. Ова е пракса на оваа власт и ова како што се гледа, издавањето на еврообврзница на десет години значи дека овие пари ќе ги плати некоја друга генерација, а не оваа, некоја друга Влада. Затоа нема да имаат проблем да издаваат, без разлика на каматната стапка“, вели за Алсат економистот Џевдет Хајредини.
Владата и лани издаде еврообврзница од 500 милиони евра, со камата од 3,975%, што се плаќа еднаш годишно. Оваа еврообврзница достасува за наплата во јули 2021 година.
