„Македонија чекори назад“ – Никола Димитров за Њујорк Тајмс
„Минатата година, јас го одбив амбасадорското место во Москва и заврши мојата дипломатска кариера од 18 години. Во служењето на мојата влада и мојата земја, Македонија, се случија многу различни работи, а јас не чувствував дека можам да направам разлика. Неодамнешните настани само го зајакнаа ова мое гледиште. Откако се покажа како успешна приказна во регионот потресена од војна, Македонија е во криза и треба итна интервенција од Европската унија“ - вака екс амбасадорот и член на неформалната група за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димитров ја почнува неговата колумна објавена во престижниот Њујорк Тајмс.
Димитров понатаму колумната ја продолжува објаснувајќи ги последните политички ситуации кои изминативе два месеци почнувајќи од февруари ја дрмаат земјава. Раскажува за опозицискиот лидер Зоран Заев кој го обвинува премиерот Никола Груевски за прислушување на 20 000 граѓани, вклучувајќи ги и судиите, странски амбасадори, опозициските политичари, новинари и полициски службеници.
„Според г-дин Заев, некои се под надзор од пред околу четири години. Како доказ, г-дин Заев објави серија на нелегално снимени разговори, во кои наводно се прислушани тој и другите политички лидери, вклучувајќи и поддржувачи на г-дин Никола Груевски“.
Никола Димитров во својата колумна упатува повик до Европската унија од која бара да ја повика Владата на РМ да си поднесе оставка.
„Европската унија мора јасно да каже дека Македонија веќе не е функционална демократија, да ја повика Владата да поднесе оставка и да поддржи формирање на привремена влада. Европската унија треба да помогне да се реформираат државните институции и да се спроведе независна истрага за обвинувањата на Заев и да помогне да се подготват слободни и фер избори, пишува Никола Димитров“.
Додава дека ако ВМРО-ДПМНЕ не соработува со Европската унија, таа треба да се закани дека ќе го замрзне пристапниот процес на Македонија. Додава дека ЕУ мора да зеземе поцврст став за политичката криза во Македонија.
„Кога Македонија ќе застане на нозе, нејзиниот пат кон членство во ЕУ мора да биде ослободен од стегата на Грција. Ова е важно за веродостојноста на проширувањето на Унијата, како што е важно и за иднината на Македонија. Кризата со која се соочува мојата земја претставува пораз на многуфалената европска политика за проширување. Ако пред многу години се дозволеше да почнат преговорите за членство, македонските реформски сили денес ќе беа многу посилни, а тековните проблеми, најверојатно, ќе беа избегнати. Страсно се надевам дека ако се надмине овој ќор-сокак, јас ќе можам повторно гордо да и служам на мојата земја“.
Целата колумна може да ја прочитате на овој линк.
