Македонците во дури три земји од ЕУ меѓу најбројните со прва дозвола за престој
Од 28-земји-членки на ЕУ, Македонците дури во три од нив се наоѓаат во Топ-5 најбројни според износот на добиена прва дозвола за престој во конфедерацијата, покажуваат податоците што деновиве ги објави Европската комисија.
На Малта работна дозвола лани за прв пат добиле 563 Македонци и тие се на четвртото место, зад Србите (2.033), Филипинците (1.180) и Индијците (784), а пред Либијците (532).
Во Словенија, исто така, Македонците се на четврто место по број на први дозволи за престој и ги има 1.473. Пред нас се Босанците (10.414), Србите (3.259) и Косоварите (2.016). На петтото место се 458-те Руси.
Во Бугарија од Македонија лани имало 664 наши државјани кои за прв пат стапнале во таа земја со дозвола за престој и исто така се на четвртата позиција, пред Србите (379). Бугарите најмногу дозволи им дале на Турците (4.060), Русите (2.137) и Украинци (1.115).
Најмногу дозволи во 2017-та обезбедиле Украинците (661.000, повеќето во Полска), Сиријците (223.000, повеќето во Германија), Кинезите (193.000, најмногу во Британија), Индијци (163.000), Американци (147.000), Мароканци (107.000), Авганистанци (87.000), Ирачани (70.000).
(А.К.)
