МАКЕДОНЦИТЕ РЕТКО ПАТУВААТ СО ВОЗ, КАЈ ЕВРОПЕЈЦИТЕ Е ОБРАТНО: Колку километри поминуваат со железница?
Европејците практикуваат често да патуваат со воз и во своите земји и во странство, но во Македонија се случува обратното. Македонските граѓани многу поретко патуваат со воз затоа што нашиот железнички сообраќај не е развиен како во европските земји. За нашите возови и железнички транспорт имало многу поплаки. Но, податоците покажуваат дека Унгарците, Австријците и Французите уживаат да патуваат со воз.
Патниците со железнички превоз во Унгарија, Австрија и Франција патувале најдолго просечно растојание на национални патувања во 2024 година, односно поминале 1.513, 1.493 и 1.442 километри по жител. Патниците во Грција поминале најкратко просечно растојание на национални патувања со воз, односно само 70 километри по жител. Во 2024 година, според Евростат, 150 милиони патници со воз поминале 23 милијарди километри на меѓународни патувања.
„Често одам во странство за различни проекти и се користи возот, функционален е. Кај нас не е дека не сакаат луѓето да се возат со воз, туку нема инфраструктура, доцнат, стари се вагоните. Во Европа се актуелни ноќните возови, ги користат и нив. Кај нас не е проблемот во менталитетот, туку во инфраструктурата. Со зелената агенда стана актуелно да се користат возови, и многу од младите преферираат да одберат воз наместо авион“, вели Александар Каратошо, од невладината Асоцијација за младинско зајакнување.
Дел од македонските граѓани со воз патувале во повеќе европски држави и можат да направат споредба.
„Сум патувал со воз од Бугарија до Романија, низ Романија, цела Словачка и во Шпанија. Во Шпанија возовите беа одлични, дури и кога влегував во возот, имаше контроли како да сум на аеродром, има интернет внатре. Португалија исто има добри возови, а Германија има добри конекции. Словачка е добра, има попусти за студенти што однапред се резервираат, а во Бугарија возовите полошо функционираат. Во Романија на некои делници добро функционира железницата, а на некои не“, објаснува Горан Галабов од Волонтерски центар Скопје.
Во Македонија бројот на патници во возовите се намалува и тоа го потврдуваат и статистиките. Често сме читале за возови кои се расипуваат, а патниците остануваат „заглавени“ со часови на пат кон дома. Во третото тримесечје од 2025 година, во железничкиот превоз во Македонија се евидентирани 35.000 патници. Тоа укажува на намалување на фреквенцијата на патници, затоа што според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) во четвртото тримесечје од 2024 година, во железничкиот превоз имало 67.000 патници. За споредба во третото тромесечје од 2022 година, во македонските возови се регистрирани 108.000 патници. Ако се вратиме наназад и ги погледнеме бројките, во четвртото тромесечје во 2014 година во возовите имало 222.000 патници.
Сања Атанасовска