Македонците од Пустец сепак ќе гласаат во Тирана
Државната изборна комисија ќе впише 524 македонски државјани во посебниот избирачки список за Тирана за гласањето за предвремените парламентарни избори закажани за 27 април, согласно решенијата на Управниот суд кои беа констатирани на денешната седница.
Овие 524 пријавени за гласањето во Тирана во рок од 24 часа откако ДИК го одби нивното барање, до Управниот суд доставиле тужби. ДИК на затворена седница во неделата ги одби барањата на 639 лица пријавени за гласање во Тирана, со образложение дека немале целосна документација, кое подоцна беше објавено на нивната веб-страна.
- Овој преглед што денеска се наоѓа пред покажува дека бевме во право ние што бевме за запишување на овие лица во единствениот Избирачки список во Тирана. Станува збор за луѓе кои имаа уредно доставено своја документација, изјави членот на ДИК Влатко Сајковски.
Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи смета дека судиите од Управниот суд кои ги донеле овие решенија треба да бидат дадени пред Судскиот совет и се иззема од констатирањето на решенијата на судот. Според него, лицата што поднеле пријава за гласање во документите немале впишано улица, број и општина во Македонија. Првпат, рече тој, решенијата на судот треба да бидат во прилог на посебниот извод од Избирачкиот список во Тирана. Сашо Срцев, потенцираше дека ставањето на решенијата во прилог на ИС не е одлука на судот туку дека така предвидува Изборниот законик.
Претходно, Сајковски бараше посебната точка на дневен ред за решенијата на Управниот суд за Тирана да биде тргната, но мнозинството гласаше против тоа. Тој и неговите колеги Срцев и Анета Стафеновска, сметаа дека решенијата треба да се констатираат во рамки на делот од седницата посветен за ИЕ во дијаспората.
ДИК попладнево повторно ќе расправа за пријави од Тирана, кои потпретседателот Јакупи предложи да се разгледуваат поединечно. Пријавени се уште 165 македонски државјани за гласање, 152 од нив се прифатени, а 13 одбиени.
На седницата беше соопштена и последната бројка од 3.078 пријави од Дипломатско - мконзуларните претставништва за гласањето на парламентарните избори. Од нив 170 се одбиени по основ дека не ги исполнуваат условите, и 100 ги нема во Избирачкиот список.
На седницата ДИК го усвои и упатството за гласање на предвремените избори, во кое се наведени и унструкциите за обележувањето со видливо мастило. Упатството ќе биде огласено пред секое избирачко место.
За транспортни трошоци на општинските изборни комисии и избирачките одбори, за спроведување на изборите за претседател и на предвремените парламентарни избори ДИК ќе одвои пет милиони и 564 илјади денари.
Слично
